Палестинската милитантна група Хамас постави контролни пунктови, започна размена на оган со сопернички фракции и започна со спроведување на насилни казни врз Палестинците за кои се сомнева дека соработуваат со Израел, објавија медиумите денес.
Извештаите покажуваат дека ова се случило само неколку часа откако Хамас се согласи на прекин на огнот со Израел и крај на двегодишниот конфликт во Појасот Газа.
Според жителите на окупираната палестинска енклава и врз основа на снимките споделени на социјалните медиуми, како и безбедносните извештаи од Обединетите нации и други меѓународни организации, Хамас брзо се распоредил низ Појасот Газа за да воспостави контрола и авторитет и да го реши конфликтот со соперничките фракции, пишува „Фајненшл тајмс“.
Отпорноста и подготвеноста на оваа милитантна група ги изненадија жителите на Појасот Газа по продолжената изложеност на Хамас на тешки напади од страна на израелската армија, објавува британскиот весник.
Иако голем дел од израелскиот безбедносен естаблишмент е убеден дека воените капацитети на Хамас се уништени, вклучително и способноста за производство на голем број ракети, брзото распоредување на неговите борци низ енклавата укажува дека групата сè уште има способност да ја одржи власта во окупираната палестинска енклава, проценува FT.
Примирјето договорено во петокот ќе овозможи размена на израелски заложници за палестински затвореници, но втората фаза од планот бара Хамас да се разоружа за да може безбедноста во енклавата да ја одржуваат меѓународните сили.
Во меѓувреме, саудискиот дневен весник „Ашарк ал-Авсат“ објави дека вооружени членови на „Хамас“ во северниот дел на Појасот Газа почнале да ги прогонуваат членовите на ривалските милитантни фракции кои се противат на нивното владеење и повторното воспоставување на власт.
Безбедносните сили на „Хамас“, вклучително и одделот за внатрешна безбедност одговорен за одржување на редот и разузнавачкиот апарат на военото крило на Хамас, се распоредени во последните денови во Џабалија и во бегалски камп во североисточниот дел на градот Газа, објави денес „Тајмс оф Израел“.
Според извештај во израелскиот дневен весник, членовите на Хамас убиле некои членови на милицијата и уапсиле неколку лица.
Во јужниот дел од окупираната палестинска енклава, каде што некои вооружени кланови се обидуваат да воспостават независни енклави спротивставени на Хамас, со наводна поддршка и заштита на Израел, водачот на кланот Хусам ал-Астал дистрибуираше видео во кое ги негираше извештаите дека Хамас убил еден од водачите на слична паравоена група во северниот дел на Појасот Газа.