Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска ги презедоа телата на четворицата израелски заложници во Газа, кои Црвениот крст ги презема од Хамас. ИДФ ќе одржи воена церемонија во нивно сеќавање, на која ќе присуствуваат војници и воен рабин.
Оттаму, посмртните останки под полициска придружба ќе бидат пренесени во Институтот за судска медицина во Абу Кабир, каде на телата ќе им биде извршен процес на идентификација, кој може да потрае и до 48 часа, во зависност од нивната состојба.
Ниту едно службено лице нема да може да влезе во Здравствениот дом кој ќе работи со полн капацитет за процесот да биде што побрз, а семејството ќе ги добие првите резултати.
Меѓу нив се и телата на најмладиот киднапиран заложник, неговата мајка и брат. Хамас рече дека меѓу телата има членови на семејството Бибас – мајката Шири и нејзините деца Кфир и Ариел, кои имале девет месеци и четири години кога биле киднапирани.
Хамас вели дека четвртото тело е на Одед Лифшиц (84), ветеран и мировен активист.
Малиот Кфир беше киднапиран на 7 октомври од Кибуц Нир Оз заедно со неговиот татко Јарден (34), мајката Шири (32) и братот Ариел (4). Кфир имал само 9 месеци кога бил заробен.
Израел и Хамас оваа недела ќе започнат индиректни разговори за втората фаза од договорот за прекин на огнот, соопштија израелските власти.
Преговорите требаше да започнат на 4-ти февруари, но посредниците рекоа дека разговорите никогаш не започнале.
„Тоа ќе се случи оваа недела“, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар на вчерашната прес-конференција во Ерусалим.
Откако ќе се договори, се очекува да вклучи ослободување на сите преостанати заложници, вклучително и машки израелски војници, траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските сили.
Израел вели дека нема да се согласи на целосно повлекување додека не се елиминираат воените и политичките капацитети на Хамас, со што ќе се осигура дека тој повеќе не може да владее, додека Хамас одбива да ги предаде последните израелски заложници додека Израел не ја заврши војната и не ги отстрани сите свои војници.