Распространета на 370 километри, преку пет планини и низ шест заштитени подрачја во Македонија, Косово и во Албанија, патеката Хај Скардус е еден од најатрактивните туристички белези на земјава и на регионот, кој од година на година привлекува сè повеќе туристи. Оние што ја доживеале ја опишуваат како уникатна „изложба“ на прекрасни пејзажи, богато природно и културно наследство и неодолива маршрута на вкусна храна што може да прерасне во заштитен знак на Западен Балкан.

Хај Скардус има вкупно 20 планинарски патеки и потребни се приближно исто толку денови за да се мине и доживее целата маршрута. Се протега на Шар Планина, Кораб, Дешат, Јабланица и на Галичица, а ако ја изодите по целата должина, осум пати ќе минете од една во друга држава преку таканаречените зелени премини. Патешествието по Хај Скардус може да се започне од четири града: Тетово и Охрид во Македонија, Призрен во Косово или Пешкопеја во Албанија.

Патеката чие име потекнува од латинскиот назив Скардус, што во превод значи „шарена планина“, во 2022 година беше прогласена за најдобар европски туристички проект од „British Travel Writers Guild“.

Патеката Хај Скардус почна да се развива во 2017 година од неколкумина ентузијасти и вљубеници во планината, со поддршка на германското Друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Двајца од четворицата креатори на патеката се од земјава: Константин Циривири, претседател на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина и Јован Божиноски, претседател на планинарскиот клуб „Љуботен“.

– Оваа патека е целосно направена согласно со светските стандарди за креирање нови туристички производи. Тоа подразбира: создавање инфраструктура на терен – самата патека и сместувачките точки по нејзината должина; обука на стручни лица што ќе ја сервисираат оваа патека како професионални водичи и стручни лица за поставување и одржување планински патеки; изработка на промотивен и информативен материјал и неминовна промоција и пласман на меѓународниот пазар – вели Циривири.

Константин Циривири, претседател на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина

Според него, Хај Скардус е прв комплетен и меѓународно конкурентен туристички производ во земјава, пред сè поради уникатноста и сеопфатниот пристап при креирањето.

– Примарната траса е долга 370 километри, а заедно со таканаречените секундарни патеки, кои преставуваат алтернативи на примарната или влезни линии кон главната траса, нејзината должина изнесува околу 500 километри. Тоа само по себе е огромен инфраструктурен зафат, имајќи предвид дека најголемиот дел од патеката е поставен на надморска височина над 2.000 метри. Повеќе од 90 отсто од патеката е поставена во заштитени подрачја, што ѝ дава дополнителна вредност – објаснува Циривири.

Божиноски се надоврзува дека особено позитивно е тоа што Хај Скардус во изминатите осум години постојано растела и што се развива како туристички бренд.

– Изминативе четири години, Хај Скардус го има приматот на најдобра и единствена туристичка понуда на Шар Планина и во регионот. Популарноста на патеката од година на година расте, а со тоа и бројот на посетители, кој слободно можам да кажам дека се зголеми за 50 отсто последнава година. Патеката придонесе да се унапредат и услугите што се протегаат по нејзината должина, од типот на сместувачки капацитети, превозници и слично – вели Божиноски.

Јован Божиноски, претседател на планинарскиот клуб „Љуботен“

Еден од локалните жители што отворија нови сместувачки капацитети е Насер Џемаили. Тој доби грант од ГИЗ за унапредување на условите за сместување во планинарскиот дом во близина на врвот Кобилица на Шар Планина.

– Поддршката од ГИЗ беше тоа што ме мотивираше да почнам да се занимавам со туризам. Досега годинава имавме 150 туристи, но интересот постојано расте. Патеката е атрактивна, има интересни места и како што се дознава за неа така сè повеќе луѓе доаѓаат да ја посетат – раскажува Џемаили.

ГИЗ помогна да се трансформира овој неверојатен туристички потенцијал на регионот во успешна и одржлива приказна. Патеката Хај Скардус ги поврзува локалните заедници, а преку промовирање одржлив туризам и поддршка на руралните бизниси, создава нови можности и придонесува за долгорочен регионален развој.

– Ние очекуваме Хај Скардус да го повтори, па дури и надмине успехот на Врвовите на Балканот, уште една транснационална планинарска траса (Албанија – Косово – Црна Гора) поддржана од ГИЗ, која годишно регистрира 43.000 туристи и носи приходи од над 16 милиони евра – вели Аница Палацо, советник во ГИЗ.

ИЗДВОЕНИ