
Сосема очекувано, фудбалерите на Манчестер Сити со убедливи 5:1 ја добија пресметката против екипата на Барнли, а дуелот на „Итихад“ доби уште повеќе на значење поради кам-бекот на Кајл Вокер. Повремениот репрезентативец на Англија со години го носеше дресот на „граѓаните“, а за време на летниот преоден рок беше продаден на Барнли.
И покрај таквиот епилог, менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, имаше само пофални зборови за офанзивниот бек.
„Еден од најголемите (десни бекови) во однос на конзистентноста, играјќи без повреди и учествувајќи во секој натпревар, неверојатна личност во соблекувалната“, изјави Пеп за Вокер и продолжи:
„Спиев како бебе кога знаев дека ќе игра бидејќи ги контролираше противниците толку добро. За осум години, шест титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите, 18 титули, тој секогаш беше тука, во добри и лоши времиња“.
Сепак, крајот на Вокер во Манчестер беше сè друго освен розов. Падот на формата – и лошите резултати на Сити – го доведоа поранешниот капитен на клубот до исфрлање од тимот минатата сезона и позајмување на Милан во Италија.
„Кајл, секако, минатата сезона беше тешка за сите, за него, за сите нас. Но, јас не судам никого според неговото однесување во краток временски период. Тој беше неверојатен.“, изјави каталонскиот стручњак.
Вокер се приклучи на Манчестер од ривалите во лигата, Тотенхем во летото 2017 година за околу 52,7 милиони евра, а за Сити има одиграно вкупно 319 натпревари.
Тој досега ги започна сите шест лигашки натпревари на Барнли, а клубот на Скот Паркер (44) моментално е на 18-то место во Премиер лигата.