Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во понеделник изјави дека операцијата за помош што ја спроведуваат во Газа Хуманитарниот фонд за Газа (GHF), поддржан од САД, е „по својата природа небезбедна“ и „убива луѓе“.
Гутереш рече дека хуманитарните напори предводени од ОН се „давени“ и дека хуманитарните работници гладуваат, и дека од Израел, како окупаторска сила, се бара да дозволи и олесни испораките на помош во и низ палестинската енклава, објави „Ројтерс“.
„Луѓето се убиваат додека се обидуваат да се прехранат себеси и своите семејства. Потрагата по храна никогаш не смее да биде смртна пресуда. Време е да се најде политичка храброст да се повика на прекин на огнот во Газа“, им рече Гутереш на новинарите.
Откако Израел ја укина 11-неделната блокада на Газа на 19 мај, дозволувајќи им на ограничените испораки на ОН да продолжат, Обединетите нации велат дека повеќе од 400 Палестинци се убиени додека се обидувале да стигнат до местата за помош на ОН и GHF.
Висок функционер на ОН изјави во неделата дека повеќето од тие луѓе се обидувале да стигнат до локации каде што Хуманитарниот фонд за Газа дистрибуира пакети со помош.
Порано оваа недела, GHF изјави дека клучот е да се осигура дека помошта што ја дистрибуира е „безбедно доставена“. „Наместо препирки и навреди од страна, би ги поздравиле ОН и другите хуманитарни групи да ни се придружат во хранењето на луѓето од Газа“, соопшти GHF.
GHF користи приватни американски фирми за обезбедување и логистика за својата работа во Газа, а според нивната изјава од 26 мај, кога започнаа со работа, дистрибуирани се повеќе од 48 милиони оброци, објавува „Танјуг“.
Американскиот „Стејт департмент“ вчера објави дека одобрил финансирање од 30 милиони долари (25,6 милиони евра) за GHF и ги повика другите земји да ја поддржат групата.
Израел и САД го обвинија палестинското милитантно движење Хамас за кражба на хуманитарна помош од операциите предводени од ОН, обвинение што движењето го негира, и ги повикаа ОН да дејствуваат преку GHF, што ОН го отфрли, доведувајќи ја во прашање неговата неутралност и обвинувајќи го моделот на дистрибуција за милитаризација на помошта и принудување на раселување.