Компанијата „Харибо“ објави дека повлекува серија од своите гумени бонбони во Холандија откако се пронајдени траги од канабис во некои пакувања, објави Би-Би-Си.
Неколку лица, вклучително и членови на исто семејство, пријавиле здравствени проблеми откако јаделе од исто пакување од еден килограм бонбони „Happy Cola F!ZZ“.
Портпаролот на холандскиот регулатор за безбедност на храната (NVWA) изјави дека луѓето пријавиле вртоглавица по консумирањето на бонбоните, а во анализираните примероци е пронајден канабис.
Портпаролот на компанијата изјави за Би-Би-Си дека „Харибо“ соработува со полицијата за да ги утврди фактите за контаминацијата на производите.
NVWA соопшти дека три пакувања биле контаминирани со канабис, додека „Харибо“ ја повлекла целата серија како мерка на претпазливост, а кесите имале рок на траење од јануари 2026 година.
Не е јасно колку луѓе пријавиле здравствени проблеми, пишува „Би-би-си“.