Скопјани се жалат за нередовно собирање на сметот, додека скопскиот градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најавува набавка на 40 нови камиони до април 2026 година. Тој никогаш не кажа како ќе се обезбеди дотогаш редовното собирање на сметот од контејнерите и кантите, услуга за која граѓаните редовно плаќаат, а веќе долго време не ја добиваат
Граѓаните на Скопје продолжуваат да се жалат дека ѓубрето не се собира редовно, ниту од контејнерите на јавните површини ниту од кантите во домовите. На социјалните мрежи се појавуваат фотографии и коментари за контејнери полни до врв, а најмногу поплаки има од Општина Гази Баба – населбите Ченто, Маџари, Стајковци и Виниче.
– Ѓубрето стои на улица веќе две недели. Ни наплаќаат за собирање секоја среда, а ова се повторува секој месец. Не знам дали сакаат да заштедат или што е работата – коментира жител од Стајковци.
И другите жители се гневни поради нередовното собирање, посочувајќи дека кучињата го растураат отпадот и дека се создава хаос на улиците. И жителите на улицата „22“ кај стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари се гневни, бидејќи, како што потенцираат, „се дават во ѓубре што никој не го собрал три недели“.
И додека граѓаните се жалат и се гневни бидејќи не ја добиваат услугата за која плаќаат, ЈП „Комунална хигиена“ вчера соопшти дека во декември 2025 година подигнало и транспортирало 13.000 тони комунален отпад од канти и контејнери, како и 2.200 кубни метри кабаст и градежен отпад од диви депонии. Воедно, биле реализирани 225 едукативни разговори и изготвени записници за неправилно фрлање отпад, од кои, најголем број, вкупно 85 биле врачени во Општина Карпош.
По стапувањето на функцијата, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски реализираше 72-часовна акција за чистење на Скопје. Беа исчистени центарот, кејот на реката Вардар во централното градско подрачје, Градскиот парк и сè се сведе на тоа. Состојбата со нередовното собирање на сметот продолжи, а продолжија и поплаките на граѓаните, кои, за жал, нема кој да ги слушне.
– Во ЈП „Комунална хигиена“ имаше само 16 функционални камиони, сега има од 40 до 50 камиони. Но, поради староста на возилата и честите дефекти се случува на дневна основа да се намали бројот на функционални возила – изјави Ѓорѓиевски.
Според него, состојбата со ѓубрето во Скопје е многу подобра од претходно, но, сепак, вели дека има мал процент несовесно население поради кое страдаат сите. Во изминатиот период, како што посочи, биле изречени стотици предупредувања и казни. Тој призна дека проблемите со старите камиони и честите дефекти се причина за нередовното собирање, но најави дека до април 2026 година ќе бидат набавени 40 нови камиони, дел преку јавна набавка од ЈП „Комунална хигиена“, а дел преку Министерството за транспорт, преку Светска банка.
– Камионите ќе штедат гориво, ќе бидат поефикасни и ќе ги задоволат потребите на скопјани – изјави Ѓорѓиевски.
Сепак, засега нема јасен план како ќе се обезбеди редовно собирање на сметот додека не пристигнат новите возила, а граѓаните продолжуваат да плаќаат за услуга што не ја добиваат. Советот на Град Скопје донесе одлука за забрана за фрлање отпад од 22:00 до 6:00 часот, но ефектот од мерката сè уште не е видлив.
(А. П.)












