Од „Зелен хуман град“ реагираат на одлуката што ја донесе Советот на Град Скопје со која се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите во периодот од 22:00 часот до 06:00 часот, а за непочитување следува парична казна од 50 евра.
Тие сметаат дека ѓубрето нема да се намали ако се намали времето во кое смее да се фрла.
– Очигледно е дека за новата градска администрација контејнерите повеќе загадуваат отколку индустријата, дека приоритетот е да се удри по џебот на граѓаните, наместо да се удри по мултимилионските титански загадувачи. Очигледно е дека не е приоритет што имаме илјадници болни од рак, што секоја година ни умираат 6.000 луѓе и што ни умира секое деветто бебе до 1 година од овие загадувачи. Очигледно не е приоритет нашето право на чист воздух загарантирано со Уставот на РМ. Очигледно е дека приоритетот на ВМРО-ДПМНЕ е да продолжат да го вртат истото орце преку 34 години – нагласуваат од „Зелен хуман град“.
Додаваат дека наскоро ќе зафалат инспектори за контрола на контејнери и ќе треба нови вработувања на нивните партиски кадри, кои, како што велат, ќе го цицаат градскиот буџет и буџетот на граѓаните, работејќи на тотални небулози од кои граѓаните немаат ама баш апсолутно никаква полза.
– А нашите бели дробови, кои не само што не се веќе ни бели, туку се и закиселени? Очигледно не се приоритет – јасни се од „Зелен хуман град“.
Тие наведуваат дека со години бараат од Град Скопје да се одвојат средства за инспектори за животна средина и да се воведе трета смена на дежурни инспектори.
На сметка на тоа, како што истакнаа, Град Скопје го зголеми буџетот за истражување на мерки за аерозагадувањето и покрај 50. веќе поднесени про боно мерки од страна на Зелен хуман град, базирани на наука и потврдено дека функционираат и се веќе применети во загадени градови низ светот.
– Нема средства за мерни станици. Нема средства за трета смена инспектори за животна средина. Ама има средства за неколку десетици инспектори трета смена за контејнери – нагласуваат од „Зелен хуман град“.
(А.П.)











