Фото: Ѕ.ПЛАВЕВСКИ
Тројца во цивил и двајца полицајци во униформа го чуваат осомничениот Артан Груби пред неговиот сеемен дом во зградата во скопски Чаир. Освен чуварите на безбедноста на поранешниот вицепремиер, населбата беше раздвижена од ученици кои се враќаа по претпладневната смена накај дома, а во непосредна близина се наоѓа и градинка од која излегуваа родители со деца.
Во овој дел од старата скопска населба живеат и албанци и македонци, сите со постмев го коментираа домашниот затвор на нивниот сосед.
„ О, внимавајте има обезбедување“, на шега не пречека повозрасен човек и со насмевка не испрати на нашата работна задача.
Друг пак кој тука живеел триесет години, вели дека го познава Груби, а за неговото враќање дома разбрал од телевизија.
„ Овде е мирно место, немало ништо, го познавам семејството“, вели жител од кусата чаирска улица.

Полицијата според одлуката на Кривичниот суд, на предлог на скопското јавно обвинителство треба да го обезбедува влезот на малата катница, 24 часа. Во зависност од нивната работна сатница, или се менуваат три, или две групи на службеници. Така процениле безбедносните служби, АНБ и МВР, дека Груби и неговото семејство се небезбедни.
Домашниот притвор со денови е тама на партиски препукувања и критики кон правосудните органи. По прес конференцијата на министерот за правда, на која тој ја стави под прашање еднаквоста на законите и побара отчет од надлежниот обвинител и судија за одлуката, од Здружението на јавни обвинители апелираат до сите политички партии и функционери да го почитуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од критики за работата на јавните обвинители кои се самостојни во одлучувањето.
– Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот “Државна лотарија”. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат, порачуваат од Здружението.
По повикот на министерот Игор Филков до Советот на јавни обвинители, да утврдат дали има одговорност кај обвинителот со чиј предлог Груби замина дома, претседателот Башким Бесими вели дека членовите може да разговараат, но сепак работата на обвинителите ја следат вишите јавни обвинители.
– Слушав од медумите за прозивките, но ингеренциите на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители се поинакви. Значи, ние можеме да расправаме, но за тоа одлучуваат републичкиот и вишиот обвинител, значи таму има хиерархија – рече тој. За прозивањето на Филков за оние кои учествувале во процесот на носење одлука за домашен притвор, рече дека тоа е став на министерот, но тој смета оти не е во ред таковото прозивање со име и презиме и дека секој предмет треба да се гледа поединечно.

Власта и опозицијата си го подметнуваат случајот како „кукавичко јајце“. Од СДСМ се сомневаат на договорено сценарио меѓу осомничениот екс висок функционер на Дуи и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби? Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф на Скопското Обвинителство е Анел Фидоски, кој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година. Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио, велат од СДСМ.
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО ДПМНЕ се повика на изјава на пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, која кажала дека одлуките на претходната Влада биле колективни.
-Дали потпретседателката на СДСМ го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДСМ и ДУИ е голема?“ – истакна Петрушевски.
Одбраната на Груби деновиве прави увид во доказите против него што ги обезбеди истрагата за случајот со злоупотребите во државната лотарија, а според ОЈО Скопје тој рекол дека ќе даде исказ. Со оглед на тоа дека и одбраната предложила домашен притвор, очекувано е одлуката на судијата на предходна постапка, да не биде обжалена. (П.А.)












