Пожарот во производствениот погон на фирмата „Аронија“ со линијата „BioCosmos“, кој избувна вчера, бил предизвикан од удар на гром. Нема повредени работници, бидејќи во производството на здрава храна не се работи во смени.
Пламенот го зафатил речиси целиот дел од фирмата „Аронија“, која е дел од комплексот на велешката фирма ДПТУ „Мирана“.
– Изгорени се производствениот погон, дел од машините, магацинот за суровини, магацинот за готови производи, како и канцелариските и помошните простории. Привремено фирмата нема да работи. Сакам да нагласам дека фабриката „Мирана“, која се наоѓа во тој комплекс, не е зафатена од пожарот и ќе продолжи производството во неа – информира менаџерот Марио Мирсинов.
Според него, и покрај громобранот и громобранската инсталација, како што изјавиле работниците што биле на работа во соседниот дел од комплексот и во производствениот погон на „Мирана“, громот удрил околу 19:30 часот. Тие го виделе пламенот во соседниот дел од комплексот два и пол часа подоцна.
– Во моментов не можеме да соопштиме за првична процена на штетата – нагласи Мирсинов.
Според информации на Центарот за управување со кризи, пожарот бил пријавен во Територијалната противпожарна единица Велес во 22:00 часот. Првичните сознанија на СВР Велес покажуваат дека гореле магацин (во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго) и канцелариски простории (документација и други материјали).
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска информираше дека започнала обуката на лицата што се јавиле на владиниот повик за пожарникари. Инаку, по селекцијата, останати се 364 лица, од кои 34 во Скопје.
Тој нагласи дека по завршувањето на дводневната обука, тие ќе бидат распоредени по ТППЕ во општините, додека оние од Скопје ќе бидат во Дирекцијата за заштита и спасување.
– Оние што ќе бидат распоредени во ДЗС, ќе продолжат со континуираната обука, а потоа, на почетокот, ќе учествуваат во гаснењето на не толку тешки пожари – изјави Ангелов.
Состојбата со пожарите во државата полека се смирува. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во текот на вчерашниот ден немало активни пожари на отворен простор од поголеми размери.
(А. П.)