Кошаркарите на Партизан остварија важна победа против Баерн, 92:85, во првиот натпревар без Жељко Обрадовиќ. Навивачите на Партизан, популарните „гробари“, ги пречекаа своите кошаркари со силни свирежи, притоа негодуваа кога нивниот клуб постигнуваше кошови, што покажува колку им значеше големиот Обрадовиќ, кој минатата недела си поднесе неотповиклива оставка. И покрај силниот притисок од страна на навивачите, па и од челниците на клубот, Обрадовиќ не се врати на кормилото на клубот.

Под голем притисок и во ситуација во која Партизан никогаш не играл, „црно-белите“ во својот тим ги имаа експлозивниот Тајрик Џонс (21 поен), кој го одигра натпреварот на сезоната, и Двејн Вашингтон, стрелец на 22 поени со одличен шут за три 5/6. Заедно со нив, огромен придонес за триумфот даде и плејмејкерот Ник Калатес, на двете страни на теренот (одбрана – напад), бидејќи постигна девет поени, дојде до четири скока и подели четири асистенции.

Со овој триумф, Партизан дојде до петтата победа во ова натпреварување во кое има и девет порази, пред „вечното дерби“ следниот петок против Црвена звезда, кое исто така го игра на домашен терен.

Покрај овој натпревар кој беше во центарот на вниманието поради заминувањето на Обрадовиќ, историски меч беше одигран и во Франција, каде што тимот на Монако славеше против Париз со неверојатни 125:104. Со тоа, избраниците на Василис Спанулис го соборија рекордот во ова натпреварување, надминувајќи ги досегашните 123 поени на Макаби Тел Авив од сезоната 2004/05. Ако го сметаме и продолжението, Реал Мадрид е рекордер со 130 поени во сезоната 2023/24.

Исто така, силното невреме што ја погоди Грција го одложи натпреварот меѓу Олимпијакос и Фенербахче. Имено, кровот на салата „Мир и пријателство“ попушти, па на теренот можеше да се забележи вода. Но, грчкиот клуб направи џентлменски потег кон турскиот клуб и ги прифати сите трошоци што би ги имал Фенер кога ќе се одреди новиот датум на одигрување на мечот.

 

ИЗДВОЕНИ