Во Македонија и натаму има грип и заболувања слични на грип, но бројките почнуваат да паѓаат. Според Институтот за јавно здравје, во периодот од 19 до 25 јануари, односно во четвртата недела од 2026 година, пријавени се 1.708 заболени, што е за 17 проценти помалку од претходната недела кога имаше 2.062 случаи. И покрај намалувањето, активноста на вирусот и понатаму е над границата што се смета за средна.
Најмногу заболени се лица од 15 до 64 години – 1.029 случаи, но највисока стапка на заболување повторно се бележи кај децата до 4 години. Најмногу случаи се пријавени во Скопје (526), Струмица (178), Охрид (113), Прилеп (111) и Куманово (102).
Во Дебар и Кратово е регистрирана многу висока активност на грипот, додека висока активност има и во Охрид, Кавадарци и Струмица. Во повеќе градови активноста е сезонска или средна, а во две подрачја се бележи многу ниска активност.
Лабораториските анализи покажуваат дека најчесто циркулираат вируси на инфлуенца А, а покрај грип, детектирани се и случаи на RSV, вирус кој најчесто ги погодува децата. Минатата недела не е регистриран позитивен случај на ковид-19.
Од почетокот на сезоната 2025/2026 досега се пријавени вкупно 9.917 случаи на грип и слични заболувања, а регистрирани се и три починати лица поврзани со грип. Од ИЈЗ апелираат граѓаните да бидат внимателни, особено кога станува збор за најмалите и повозрасните, и да се јават на лекар доколку симптомите се влошат.












