четврток, јануари 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Грипот не попушта: годинава двојно повеќе од лани

Грипот не попушта: годинава двојно повеќе од лани

Од почетокот на сезоната над 8.000 заболени и три жртви

127

Грипот и заболувањата слични на него и понатаму се присутни во државата, иако последната недела е забележано мало намалување на бројот на новозаболени. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во периодот од 12 до 18 јануари, односно во третата недела од 2026 година, регистрирани се 2.062 случаи на грип и заболувања слични на грип. Тоа е за околу 11 проценти помалку во споредба со претходната недела, но сепак значително повеќе во однос на истиот период лани.

Во споредба со третата недела од минатата сезона, бројот на заболени е зголемен за дури 46 проценти, што покажува дека годинава грипот се шири поинтензивно. И покрај ова, здравствените власти наведуваат дека активноста на вирусот е нешто пониска од просекот што се очекува според епидемиските податоци од последните 15 години. Сепак, инциденцата на заболени и понатаму е над границата што се смета за средна активност на грипот.

Најмногу заболени се лица на возраст од 15 до 64 години – вкупно 1.274. Грипот сериозно ги погодува и најмладите, па така 279 случаи се регистрирани кај деца до четири години, што е и возрасната група со највисока стапка на заболување. Кај децата од пет до 14 години пријавени се 243 случаи, додека кај лицата над 65 години – 266.

Податоците покажуваат дека грипот е присутен речиси во целата држава. Најмногу заболени се пријавени во Скопје – 556 случаи, по што следуваат Тетово, Охрид, Битола, Куманово, Прилеп, Штип, Кавадарци и Велес. Во останатите градови бројот на заболени е помал, но вирусот е присутен во речиси сите региони.

Според проценките на Институтот за јавно здравје, во четири подрачни единици – Дебар, Охрид, Свети Николе и Кавадарци – се регистрира многу висока активност на вирусот на грип. Висока активност има и во Кратово, Штип и Виница, додека во поголем дел од државата активноста се движи од средна до сезонска. Само во две подрачни единици е регистрирана многу ниска активност на грипот.

Од почетокот на сезоната 2025/2026, вкупно се пријавени 8.209 случаи на грип и заболувања слични на грип. Тоа е повеќе од двојно зголемување во споредба со истиот период минатата година, а за над 16 проценти повеќе од просекот што го покажуваат податоците од последните 15 сезони.

За жал, во текот на оваа сезона регистрирани се и три починати лица кај кои смртта е поврзана со компликации од грип, наведуваат од Институтот за јавно здравје.

Здравствените власти повторно апелираат до граѓаните да не го потценуваат грипот и потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната заштита од потешки форми на болеста. Особено се препорачува вакцинација кај постарите лица, хронично болните, бремените жени и малите деца. Заклучно со третата недела од 2026 година, во државата се вакцинирани вкупно 79.078 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против сезонски грип.

ИЗДВОЕНИ