Грипот ги „коси“децата, пикот се очекува со стартот на второто полугодие

ПРАЗНИЧНИТЕ СОБИРИ ГО ЗАБРЗАА ШИРЕЊЕТО НА ВИРУСИТЕ, ДЕТСКИТЕ БОЛНИЦИ ПОД ПРИТИСОК

304

Грипот и сличните инфекции ги полнат детските болници. Празничните прослави направија вирусите интензивно да се шират, а студениот бран што се очекува деновиве во земјава не дава сигнали дека состојбата со инфекции на дишните органи ќе се подобрува. Напротив, според здравствените работници, пикот на грипот се очекува во првата недела од второто школско полугодие, па лекарите апелираат на хигиена и на растојание на заболените. Неизвесен е и почетокот на второто школско полугодие, од бројот на заболени ќе зависат и препораките на здравствените власти

Грипот во Македонија, и според последните податоци од Институтот за јавно здравје, влезе во фаза на интензивно ширење, и со сè поголем притисок врз здравствениот систем, особено врз педијатриските служби.

Во првата недела од 2026 година се регистрирани 1.725 заболени од грип, што е за 2,2 пати повеќе во однос на претходната недела, кога биле евидентирани 771 случај. Во споредба со истата недела минатата година, бројот на заболени е зголемен за 5,5 пати, а во однос на просекот од последните 15 години – за 38 проценти. Од почетокот на сезоната, вкупниот број на заболени надминува 3.000 лица, што е нешто повеќе од 1.000 во споредба со лани, и претставува пораст од 2,8 пати.

Возрасната структура покажува дека најпогодени се децата. Од вкупниот број заболени, 618 се на возраст од 5 до 14 години, кај кои е е регистрирана и највисока инциденција. Следуваат лицата од 15 до 64 години со 749 случаи, децата од 0 до 4 години со 229 случаи и лицата над 65 години со 129 случаи. Најмногу заболени се евидентирани во Скопје – 716, потоа во Тетово 339, Куманово 150, Велес 109, Штип 60 и Дебар 50 случаи, што укажува на широка и рамномерна распространетост на вирусот низ земјата.

Месечната дистрибуција на случаите го потврдува забрзувањето на епидемискиот бран: во октомври се регистрирани 338 случаи или 8,8 проценти, во ноември 438 или 11,5 проценти, во декември 1.324 или 34,6 проценти, а во јануари дури 1.725 случаи или 45,1 проценти од вкупниот број во сезоната. Во досегашниот тек на сезоната, не се регистрирани починати лица асоцирани со грип. Согласно со овие податоци, во Македонија има висок интензитет на вирусот на грип, со очекување на понатамошно зголемување на активноста во наредниот период.

Од ИЈЗ оценуваат дека ваквиот пораст е очекуван со оглед на периодот на празници, зголемените семејни и јавни собирања и зимските услови. Д-р Марија Андоновска посочува дека пикот на грипот се очекува во втората половина на јануари и во првата половина на февруари, особено со враќањето на децата во училиште, кога се очекува дополнително зголемување на бројот на лица со грип или заболувања слични на грип. За тоа дали ќе има одложување на почетокот на второто полугодие, д-р Андоновска вели дека активноста што сега ја забележале е очекувана, но доколку се зголеми, ќе дадат препораки.

Докторите од Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, дневно во амбулантата прегледуваат околу 250 деца. Поради грип и слични заболувања на него, во болницата лежат околу 90 деца, а неколку се на кислородна поддршка со маска, додека останатите се во стабилна состојба, вели директорката Катерина Бошковска.  Истовремено, има и хоспитализирани доенчиња со бронхиолити предизвикани од респираторен синцицијален вирус. Кај младите пациенти најчесто се јавува нагло покачување на телесната температура, болки во грлото и мускулите, течење на носот и кашлица. Лекарите предупредуваат дека доколку симптомите траат повеќе од три до четири дена или се влошуваат со појава на интензивна кашлица и отежнато или забрзано дишење, неопходно е навреме да се побара лекарска помош преку матичен лекар или дежурните педијатриски пунктови.

Слична е состојбата и на одделението за пулмологија на Детска клиника, каде што, според д-р Реџеп Мемеди, дневно во амбулантите се прегледуваат од 120 до 150 деца со респираторни проблеми и со симптоми на грип. Повеќе од 20 деца се хоспитализирани, од кои кај 13 е изолиран вирусот инфлуенца А, а кај дел од пациентите со кашлица и отежнато дишење се применува и кислородна поддршка. И од Клиниката предупредуваат дека во наредните недели се очекува пикот на грипот.

Од ИЈЗ повторно апелираат на почитување на општите мерки за заштита: избегнување престој во затворени и преполни простории, редовно миење на рацете со сапун и вода, избегнување контакт со лица кои кашлаат и киваат, соодветна исхрана, хидратација и внес на витамини и минерали. Заболените да останат дома и да не одат на работа, а децата да не се носат во училиште и градинка, не само заради спречување на ширењето на вирусот туку и заради сопствено закрепнување. Просториите редовно да се проветруваат, а ризичните пациенти при појава на потешки симптоми задолжително да се јават на лекар.

За сезоната 2025/2026, Министерството за здравство обезбеди 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за приоритетните групи население. Вакцинацијата започна на 16 октомври 2025 година и се спроведува во центрите за јавно здравје и здравствените домови, додека здравствените работници во Скопје се вакцинираат во Институтот за јавно здравје. Според податоците од Управата за електронско здравство, досега се вакцинирани 77.119 лица од ризичните категории, што укажува на висок опфат. И покрај тоа, сите релевантни показатели упатуваат дека земјата се соочува со висок интензитет на вирусот на грип, со очекување дека активноста ќе продолжи да расте во наредниот период, поради што здравствените власти најавуваат внимателно следење на состојбата и навремено реагирање доколку е потребно. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ