Шведската активистка Грета Тунберг е држена во тешки услови во израелски затвор, според тврдењата изнесени во преписката меѓу шведското Министерство за надворешни работи и соработниците на активистката, до кои дошол „Гардијан“.
„Амбасадата успеа да се сретне со Грета. Таа пријави дека е дехидрирана. Не добивала доволно вода и храна“, соопшти министерството во е-пошта испратена до луѓе блиски до Тунберг.
Таа, исто така, рече дека развила осип, за кој се сомнева дека е предизвикан од креветни бубачки.
„Грета зборуваше за грубиот третман и рече дека долго време седела на тврди површини“, се вели во соопштението.
Активистите приведени оваа недела од флотилата се наоѓаат во затворот Кециот во Негев.
Израелската затворска служба, Израелските одбранбени сили и израелското Министерство за надворешни работи не одговорија на барањето на „Гардијан“ за коментар.