Наградите на Зружението на филмски актери, кои од годинава се наречени „Награди на актери“ се одржаа завчеравечер во Лос Анџелес, а филмот „Грешници“ (Sinners) триумфираше и тоа две недели пред Оскарите. Големата победа на овој хорор-филм на Рајан Куглер, сугерира дека трката за Оскар е  неизвесна до самиот крај. Мајкл Б. Џордан, пак, ја освои наградата за најдобар актер, иако Тимоти Шаламет се сметаше за фаворит.

Екипата на „Грешници“ ја освои и наградата за извонредна изведба на актерскиот ансамбл.

Иако филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) на Пол Томас Андерсон досега ги освојуваше највисоките признанија и тоа на Златните глобуси, наградите на здружението на продуценти, наградите БАФТА и наградите на здружението на продуценти, а „Еуроњуз“ го прогласи за најдобар филм за 2025 и беше номиниран седум пати, овој пат освои само една награда – за изведбата на Шон Пен.

Со оглед на тоа што наградите на Здружението на филмски актери се еден од најсигурните показатели за резултатите од Оскарите, трката за најдобар филм останува отворена. „Грешници“ влегува во финалето со 16 номинации – најмногу во историјата на Оскарите за еден филм. „Една битка по друга“ е зад него, со 13 номинации.

Џеси Бакли, пак, ја освои наградата за најдобра актерка за нејзината улога во „Хамнет“ (Hamnet), додека Ејми Мадиган беше наградена за нејзината импресивна изведба во еден од најдобрите хорор-филмови на годината – „Оружја“ (Weapons).

Емотивен момент од вечерта беше кога Кетрин О’Хара беше постхумно наградена за нејзината работа во серијата „Студиото“.

О’Хара почина на 30 јануари на 71-годишна возраст од згрутчување на крвта во белите дробови, а публиката во аудиториумот Шајн во Лос Анџелес стана на нозе кога беше прогласена за победничка.

„Студиото“ (The Studio) ја освои и наградата за најдобар ансамбл во комедија и најдобар актер во комедија (Роген).

Големиот победник на вечерта беше и медицинската драма „Пит“, која ја освои наградата за најдобар ансамбл во драмска серија и најдобар актер во драмска серија „Ноа Вајл“ .

Харисон Форд беше награден со наградата за животно дело по кариера што траеше шест децении.

–Малку е чудно да се добие награда за животно дело на половина од кариерата. Малку е рано, нели?, се пошегува 83-годишниот актер, кој додаде: „Јас сум среќен човек – среќен што ги пронајдов моите луѓе, што имам работа што ме предизвикува и што продолжувам да ја работам. Никогаш не го земам тоа здраво за готово“.

Доделувањето на Оскарите ќе се одржи в недела, на 15 март. (Д. Т.) Фото: ЕПА/ЕФЕ

ИЗДВОЕНИ