Гренланд се отвора за туристи и повикува: Дојдете да нè посетите, сакаме да ви ги раскажеме нашите приказни

55

Дојдете да го посетите Гренланд, повикува Нукарта Андреасен, која работи во компанија за такси на вода во главниот град Нук.

-Дознајте за него, дознајте за нас. Сакаме да ве видиме. Сакаме да ги раскажуваме нашите приказни и нашата култура, вели таа.

Островот богат со минерали во Арктикот е отворен за туризам. Тури за набљудување китови, екскурзии до иконскиот остров Пафин и водни чартери низ оддалечените населби се само почеток на она што Гренланд им го нуди на посетителите. Мештаните сакаат да покажат што го прави островот уникатен надвор од неодамнешната дипломатска расправија со американскиот претседател Доналд Трамп, пишува „Детроит Њуз“.

-Нашата цел и мисија е да го претставиме, да бидеме амбасадори на Гренланд и да покажеме каква убавина можете да доживеете додека сте тука, рече Каспер Франк Молер, извршен директор на компанија за туристички водичи со седиште во Нуук.

Се очекува туристичката индустрија да доживее „бум“ оваа година по лансирањето на новата линија помеѓу Нуук и Њуарк, Њу Џерси. На 14 јуни се реализираше  првото директно патување од САД до Гренланд со американска авиокомпанија. Пред овој лет, патниците што тргнуваа од САД имаа потреба од слетување во Исланд или во Данска, за да стигнат до Гренланд. Крузерите веќе можат да се закотват на островот, но тие носат помалку пари за туристичките бизниси бидејќи патниците спијат и обично јадат на бродот.

Околу 150.000 туристи го посетија Гренланд во 2024 година, според Наја Натаниелсен, министерка за бизнис на Гренланд.

 

-Навистина сакаме да го развиеме туристичкиот сектор. Тоа е многу добро решение за многумина во Гренланд. Туризмот носи добри вибрации. Станува збор за споделување култура, споделување историја. Станува збор за раскажување приказни. А за нас, како Инуити, тоа е голем дел од нашето наследство, вели таа.

Гренланд привлече светско внимание кога Трамп по доаѓањето на претседателската функција во САД објави дека сака да ја преземе контролата врз Гренланд, полуавтономна данска територија, преку купување или евентуално со сила. Данска, сојузник на НАТО и Гренланд, изјави дека островот не е на продажба и ги осуди извештаите дека САД собираат разузнавачки информации.

И покрај дипломатската тензија, Френк Мелер од „Ревен Арктик“ во тоа гледа нешто позитивно.

-Тоа некако го стави Гренланд на светската мапа. И дефинитивно е ситуација што „Ревен Арктик“ ја искористи, рече тој.

Според него, сепак, зајакнувањето на туристичката индустрија треба да се случи со темпо што ќе даде приоритет на удобноста на околу 56.000 луѓе кои живеат на островот.

Рисков Рејсер го посетила Гренланд неколку пати преку нејзината туристичка компанија за дански патници. Но, таа е загрижена за влијанието на туристичката инвазија.

-За мене, најлошо би било ако почне масовниот туризам, луѓето дојдат тука и некако да ги гледаат луѓето од Гренланд како да се жив музеј. Тоа мора да се направи на почитувачки начин и мора да се разгледаат последиците, рече таа за „Детроит Њуз“.

ИЗДВОЕНИ