Групата држави против корупција од Советот на Европа (ГРЕКО) го поздравува напредокот во антикорупциските реформи на централната власт и на полицијата во Македонија. Извештајот заклучува дека нашата држава задоволително имплементирала 17 од 23-те препораки дадени во петтата рунда на евалуацијата, усвоени во 2019 година. Шест препораки остануваат делумно имплементирани
ГРЕКО ги поздравува мерките преземени за зајакнување на транспарентноста и за промовирање на интегритетот на лицата што имаат високи извршни позиции, објави „Нова Македонија“, преку дописникот од Франција. Во извештајот како позитивен развој се смета електронската база на податоци за евидентирање и проверка на анкетните листови за имотот на избраните или именуваните јавни службеници, иако таа сè уште не е целосно оперативна.
Во однос на спроведувањето на законот, ГРЕКО, исто така, забележува напредок, особено во законската реформа насочена кон зајакнување на оперативната независност на полицијата и нејзините механизми за внатрешен и за надворешен надзор. Сепак, потребни се дополнителни напори за да се обезбедат објективни и транспарентни процени и за да се зајакне заштитата на „свиркачите“.
„ГРЕКО особено очекува: ажурирање за воспоставувањето на регистарот на подароци; целосната имплементација на електронската база на податоци за анкетните листови за имотната состојба на избраните и именуваните функционери; подобрување на режимот на санкции за прекршување на правилата за судир на интереси, интегритет и антикорупција; измени на процедурите за тестирање на интегритетот во рамките на полицијата, вклучително и нивната евалуација, и практична имплементација на законодавството за заштита на јавувачите во полициските сили“ се областите во кои треба да работи земјава и понатаму.
ГРЕКО потврди: Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост, кажа премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната седница на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот.
– Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција. Корупцијата не беше појава – беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. Тоа беше сликата што ја наследивме. И затоа, една од првите и најрешителни борби што ги започнавме беше токму борбата против високата корупција. Со затворањето на постапките за усогласување, групата држави против корупција од Советот на Европа испрати јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретно подобрување и силна политичка волја за прекин со старите практики. Знаеме дека екстремизмот, радикализацијата и насилството често цутат таму каде што е слаба државата, а институциите се корумпирани. Затоа нашата стратегија е јасна: градење сигурна држава, со функционални институции, професионална полиција и отпорно општество – рече Мицкоски.
Директорот на Комитетот, Павле Трајанов, од добиените информации од разузнавачките служби и од полицијата, рече дека Македонија е мирна и стабилна држава во однос на насилниот екстремизам и радикализам.
Се фокусираме на спречување на онлајн радикализацијата, заштита на меките цели од потенцијални напади на радикални формации. Радикализацијата во земјава се одвива на верска основа, постои лев и десен радикализам, а е присутен и етнонационализам, кој го поттикнуваат некои политики партии, изјави Трајанов.
Неодамна, полицијата разби терористичка ќелија во Гостиварско, која се регрутирала и споделувала радикална пропаганда преку социјалните мрежи. Според споделените информации, групата планирала да нападне меки цели, односно државни институции во кои граѓаните бараат и добиваат услуги, како болници, социјални центри… (П. А.)