Финансиските резултати на повеќето компании на Халкидики се послаби од очекуваните, поради редуцираната посетеност и намалената потрошувачка од туристите, но и поради помалиот број домашни туристи. Ова е заклучокот од истражувањето што за Стопанската комора на Халкидики го спроведе агенцијата „Interview“, за периодот јуни и јули годинава.
Во анализата, дел од 20. барометар, беа вклучени 365 претпријатија со различна големина, со цел да се регистрираат мислењата и проблемите на локалните бизниси. Според Комората, резултатите воопшто не се охрабрувачки.
На прашањето: „Колкава е посетеноста оваа сезона во споредба со претходните години?“, 63 проценти од бизнисите одговориле дека е намалена, 27 проценти изјавиле дека е на исто ниво, а само 10 проценти забележале пораст на посетеноста.
Според 41,4 отсто од компаниите од Халкидики што учествувале во истражувањето, економската ситуација на туристите е главниот фактор за помалиот број туристи. За 29,3 проценти, причина се цените во хотелите, рестораните и слично, а за 16 отсто, „виновник“ е политичката/геополитичката нестабилност.
Повеќе од половина од анкетираните компании (55 проценти) оценуваат дека трошењето од турист е намалено, 38 проценти навеле дека е речиси исто, додека само седум отсто одговориле дека туристите трошат повеќе пари од минатата година.
Речиси седум од десет бизниси што учествувале во истражувањето (69 проценти) рекле дека оваа сезона е намален бројот на грчки туристи на Халкидики, а 26 проценти сметаат дека е на исто ниво како и минатата година.
Претседателот на Стопанската комора на Халкидики, Јанис Куфидис, вели за „Етнос“ дека оваа година бележат многу големо зголемување на прометот во супермаркетите и, главно, во секторот за готова храна, како и во продавниците за брза храна, а, од друга страна, другите угостителски објекти и продавниците бележат голем пад на прометот.
Тој додава дека хотелите со пет ѕвездички и оние што нудат „ол инклузив“ бележат зголемување, што, според него, значи дека постојат туристи што може да трошат пари, но претпочитаат да ги трошат во хотели, бидејќи Халкидики има проблеми со инфраструктурата. Во некои области, има проблеми со снабдувањето со вода и со електрична енергија, нема добар Интернет и има „планини“ од ѓубре.
– Кога ќе ги види овие работи, посетителот нема повторно да дојде. Во хотелите, сите овие проблеми се решени. Во исто време, треба да се надгради обезбедувањето услуги од бизнисите и да се намалат цените што, во одредени случаи, се високи. Менталитетот и на бизнисмените и на државниот механизам треба да се промени. Во спротивно, ќе ја загубиме играта и нема да се вратиме во добрите времиња – истакнува претседателот на Комората на Халкидики.