Екипата на АЕК од Атина објави соопштение откако одлучи да не излезе на терен во Скопје и да го игра мечот со Алкалоид. Финалето на ЕХФ Купот не се одигра затоа што грчкиот првак не сакаше да игра без навивачите, кои, пак, одбија да присуствуваат на мечот затоа што добиле само 200 билети.
„АЕК значи чест, гордост, почит, морални вредности. АЕК значи семејство, АЕК значи унија. Најголемата поддршка на АЕК се навивачите. А, непочитта кон нив во овој свет е непочит и кон АЕК. Вечерва, семејството на АЕК испрати едногласна порака и донесе тешка, но потребна одлука.
Ниедна сила во светот не може да направи неправда како властите во Скопје што се обидоа да направат. Не дозволија наши навивачи да ја минат границата и да влезат во земјата, нешто што беше одобрено на состанокот. Сите сме обединети, не преговараме за честа на АЕК!“, велат од клубот.
Се очекува финалната одлука од ЕХФ, која според најавите ќе биде во текот на оваа седмица.