Грција во блокада: Земјоделците ги интензивираат протестите, се затвораат патишта и граници

20
EPA/NICOLAOS HATZIPOLITIS

Протестите на земјоделците низ Грција влегуваат во нова фаза, со најавени нови блокади на клучна инфраструктура и патишта, објави денес дневниот весник „Катимерини“.

Најголемите сообраќајни барикади се поставени по централната патна мрежа, вклучувајќи делови од националниот пат Атина-Солун, автопатите Егнација, Јон и Олимпија, како и на граничните премини Евзони и Ники кон Македонија и Промахона и Егзохиу кон Бугарија.

Врховниот суд нареди поведување кривична постапка по службена должност против организаторите на нелегалните дејствија за време на протестите, со можност за апсење на лице место.

Национален состанок на претставници на блокадата ќе се одржи во Никеја, во близина на Лариса, во сабота, за да се разговара за следните чекори и да се договори листа на барања.

Се очекува фокусот на денешните протести да биде товарниот терминал на пристаништето Волос, каде што земјоделците од Тесалија планираат блокада. Земјоделците од Ајтолоакарнанија и Ахаја подготвуваат протести на мостот Рио-Антирио, вклучително и отворање на наплатните рампи за неколку часа.

Блокадите продолжуваат на автопатот Антирио-Јанина, како и на мостовите Морнос и Евинос и на патот Амвракија. Во регионот Ахаја, барикади се поставени на неколку точки, вклучувајќи ги автопатите Патра-Пиргос и Патра-Коринт, пренасочувајќи го сообраќајот кон локалните патишта.

Слични блокади има и во Илија. Националниот автопат Атина-Ламија останува затворен на четири клучни точки – во Брало, Аталанти, Кастро и Тива, предизвикувајќи големи пренасочувања кон регионалните и старите патни правци за неколку десетици километри.

Блокадите се интензивираат и во северна Евија, додека земјоделците се собираат во Халкида за да координираат понатамошни активности. Во Тесалија, протестите продолжуваат на постојните контролни пунктови на автопатот Е65, во близина на Кардица и Трикала, при што бројот на трактори и поддршката од локалните организации се зголемува секојдневно.

Во областа Солун, земјоделците остануваат на блокада во Малгари, и покрај интервенцијата на обвинителот.

На Крит, демонстрантите трет ден по ред ја окупираат зградата на Децентрализираната администрација во Ираклион, каде што земјоделци од неколку области преноќуваат, со најава за нови одлуки од Координативниот комитет за продолжување на протестот.

Протестите и блокадите ќе продолжат низ целата земја, додека земјоделците најавуваат понатамошно интензивирање на своите активности, пишува гореспоменатиот весник.

Главните барања на земјоделците се обештетување, намалување на трошоците за производство и поевтина нафта, како и субвенции за земјоделските стопанства.

Незадоволството расте поради долгогодишното фалсификување на податоците за земјиштето и бројот на добиток со цел добивање европски средства, што годинава го посочија европските обвинители.

ИЗДВОЕНИ