Речиси две децении, казните издадени на странски возачи и туристи во Грција останаа мртва буква. Причината е едноставна – државата нема механизам за следење и наплата на долговите од оние што, по сообраќајните прекршоци, ја напуштаат земјата.
Според официјалните податоци, од 2008 година се издадени повеќе од 20.000 казни, а вкупниот износ на неплатени побарувања надминува 2,1 милион евра. Најголемиот дел од оваа сума паѓа на периодот од 2015 до 2024 година, кога биле издадени дури 13.504 казни, во вредност од 1,2 милиони евра.
Само во првите два месеца од оваа година биле регистрирани 230 нови казни, со вкупен износ од 33.227 евра.
Опасноста од застарување на долговите сега се зголемува, но решението сè уште е на повидок. Наскоро треба да започне да се развива посебна платформа што ќе овозможи идентификација на странските регистарски таблички и проверка на евентуалните неплатени долгови.
Планот е да се платат казните пред возачот да ја напушти Грција, со што ќе се спречи исчезнување милиони евра без никаква компензација секоја година.
Претходно, ретко се отстрануваа регистарските таблички кај возачите што паркираа непрописно – полицијата најчесто оставаше пораки со казни на стаклото. Сепак, во последниве години, отстранувањето на регистарските таблички стана почесто, а во некои случаи и привремено одземање на возачките дозволи.
Иако системот за собирање неплатени казни од странски возачи во Грција сè уште не е оперативен, нашите возачи не треба да се потпираат на фактот што никогаш нема да им биде наплатена казната ако ја напуштат земјата.
Во некои ситуации, казните може да се наплатат веднаш на самото место или по излегувањето од Грција, а полицијата има и право привремено да ги отстрани регистарските таблички или да ја одземе возачката дозвола.
Затоа е најбезбедно секогаш да се следат сообраќајните прописи: ограничувања на брзината, ограничување за паркирање, задолжителна употреба на сигурносен појас и правила за употреба на мобилен телефон. На овој начин, не само што ќе ги избегнете непријатностите и дополнителните трошоци туку и ќе придонесете за сопствената безбедност и за безбедноста на сите учесници во сообраќајот.