Грција има строг закон за патен сообраќај: За прекршителите казните се високи

2979

Доколку планирате да возите до Грција, а да не ги почитувате сообраќајните прописи,  подгответе се да платите високи казни за време на вашиот одмор. Сепак, треба да имате предвид и дека во оваа земја постојат одредени правила на однесување кои доколку не се почитуваат може и да ве чинат пари!

Иако Грција веќе седум години има нов и многу построг закон за патен сообраќај, вреди да се потсетиме колку секој сообраќаен прекршок направен во оваа земја ќе ги зголеми трошоците за вашиот одмор.

Во Грција значително е зголемен бројот на сообраќајните полицајци на патиштата и улиците таму, а тие се бескомпромисни и брзи во казнувањето на прекршителите. Исто така, советуваат искусните патници во оваа земја од ЕУ, важно е да се напомене дека е зголемен бројот на камери за брзина на главните патишта, а првата што ќе ја сретнат патниците од нашата земја се наоѓа многу блиску после граничниот премин Евзони, а пред излезот за Солун, која е една од најчестите рути за патување на туристите кон грчкото крајбрежје.

Ова се казните за сообраќајни прекршоци во Грција:

Возење под дејство на алкохол – од 78 до 1.200 евра

Надминување на дозволената брзина во населено место до 20 км/ч – 100 евра

Поминување на црвено на семафор и престигнување преку полна линија – 700 евра

Неносење појас – 350 евра

Непрописно паркирање – од 40 до 80 евра

Користење на мобилен телефон при возење – 100 евра

Пушење во возило доколку во него има дете под 12 години – 1.500 евра и одземање на возачка дозвола.

За разлика од претходните прописи, исто така се предупредува дека во Грција веќе нема бенефит некоја од сообраќајните казни што ви се изречени да се намали на половина од износот доколку ја платите во рок од десет дена.

И не се залажувајте да мислите дека нема да платите за ниеден од овие сообраќајни прекршоци направени во Грција. Доколку се уште не е евидентирана казна за сообраќаен прекршок и информацијата за истата не е испратена на граничните премини, тоа не значи дека сте се спасиле од плаќање.

„Грците не можат да ви испратат казна на домашна адреса, но следниот пат кога ќе влезете во Грција, ако казната не е застарена, таа се уште е во системот и нема да ви биде простено, туку ќе треба да ја платите. Дополнително, постои регистар на сообраќајни прекршоци во ЕУ и голема е веројатноста дека ќе ви биде наплатена казна веднаш штом ќе влезете во ЕУ, секаде каде што е направен прекршок во рамките на ЕУ“, пишува веб-страницата nikana.gr.

ИЗДВОЕНИ