Грција, Франција и Шпанија подготвија заеднички документ за расправа на јунскиот Совет на ЕУ, со кој се бара од Европската комисија да утврди минимална старост за пристап до социјалните медиуми на ниво на ЕУ и да воведе систем за проверка на возраста при пристапување до онлајн мрежите.
ЕУ најрано за крајот на наредната година најавува апликација за проверка на возраста на корисниците на социјалните мрежи, која би била привремено решение до воведувањето на дигиталните паричници на ЕУ. Но, трите земји бараат не само систем за проверка на возраста, туку и да се овозможат механизми за поголема родителска контрола и да се ограничи употребата на одредени апликации од малолетници. Тие предлагаат на ниво на ЕУ да се воспостави „дигиталната возраст“ за користење на онлајн мрежите. Предлогот е „дигиталната возраст“ да биде 15 години, но, предлагачите велат дека се отворени за дискусија околу старосната граница.
Во документот подготвен од министрите задолжени за дигитални технологии на Грција, Франција и Шпанија, се оценува дека „лошо дизајнираните дигитални производи и услуги“ предизвикуваат низа здравствени проблеми кај малолетниците, кои постојано се изложени на тривијални или несоодветни содржини. Тие бараат закон со кој на младите ќе им биде ограничен пристапот до сомнителни и содржини што предизвикуваат зависност.
ЕК веќе презентираше нацрт-патокази за заштита на малолетниците, изработени врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), со кои се бара од онлајн платформите да воведат мерки за проверка на возраста на корисници со цел да се намали изложеноста на децата на порнографски и други несоодветни содржини.