Летувањето во Грција не е веќе толку евтино. Многу туристи се жалат на социјалните мрежи дека цените на грчките плажи рушат рекорди. Велат дека, освен лежалките, поскапени се и пијачките и дека во некои барови на плажа, за едно пиво се плаќа 9 евра. Македонците изминатите години ја заменија Грција со Албанија поради пониските цени, но тоа не е случај и годинава. Туристите што летуваат годинава на албанските плажи велат дека го нема тој метеж што го имало изминатите години, а причина, секако, се повисоките цени. Црна Гора и Хрватска, пак, одамна се недостижни за македонските туристи, а цените на лежалките на некои плажи на Јадранското Приморје достигнуваат неверојатни 200 евра! И нашиот Охрид годинава реши да им парира на соседите со цените за сместување, кафе, пиво… Па така, апсолутно го оправдува епитетот наше море, бидејќи иако си на езеро, цените навистина се како да си на море.
– За две точени пива во еден бар во Калитеа, на плажа, платив 17 евра. Мислам дека е премногу затоа веќе нема да седнам во тој бар. Грците се жалат дека им се празни рестораните. Ќе пиеме пиво пред продавница. Ужасни им се цените, навистина е скапо. Нивното национално пиво е 6 евра во кафуле, тоа е лудило – коментираат туристите на фејсбук- страницата „Грчка инфо“.
Што се однесува до цените во маркетите, тие, како што пишува страницата „Грчка инфо“, се изненадувачки високи и над балканскиот просек. Сепак, сè уште може да се најде гиро за прифатлива цена од 4 до 5 евра, во зависност од местото и дали е популарна локацијата или е помало туристичко место. Порција гиро во ресторан чини 9-10 евра, додека пицата чини околу 12 евра, а кафето – просечно од 2 до 3 евра. Што се однесува до сместувањето, становите во јули и во август се изнајмуваат за 80 до 100 евра. Во полуксузните вили со поглед на море, цените лесно надминуваат 250-300 евра од ноќ, особено ако вклучуваат базен, приватна плажа или дополнителни погодности.
Во Албанија, поскапени се цените во рестораните, продавниците и на плажите, а најголем проблем сезонава се високите цени на лежалките, кои чинат од 15 до 30 евра, во зависност од плажата.
– Доаѓам во Ксамил веќе 20 години, во кое било време од летната сезона. Моментално, времето тука е одлично, пријатни температури, морето топло, нема метеж, исполнетоста е околу 30 отсто од капацитетот од градот, никогаш послабо. Очигледно, цените си го направиле своето. Околу 90 отсто од туристите се од Албанија и нема толку многу Македонци, кои досега редовно доаѓаа тука. Во последно време имаше гости и од Европа и од другиот дел на светот, сега нема ни такви туристи – вели еден туристот во фејсбук-групата „Летување во Албанија“.
На Јадранското Приморје, и покрај полупразните плажи и малиот број гости, цените не паѓаат. Најмногу паѓаат в очи цените на лежалките, кои на некои полуксузни плажи чинат дури 200 евра, додека на градските плажи цените се движат меѓу 15 и 120 евра. Приватното сместување чини од 40 до 90 евра и повеќе, во зависност од локацијата и од капацитетот.
И во Охрид годинава цените се солени, како да си на море. Така, на пример, за едно кафе, пиво и сок на некоја од охридските плажи може да платите и 1.000 денари. Цените на пијалаците и на храната во кафулињата и во рестораните што се во првата линија до езерото, се речиси двојно повисоки од оние во Чаршијата.
– Ако сакате да пиете кафе во кафулињата и во рестораните што се покрај езерото, ќе платите поскапо. Охрид е туристички град и очекувано е цените во сезона да се повисоки. Ако сака некој да си помине евтино во Охрид, тогаш може да си земе пиперки и патлиџани и да се смети во некое од охридските села и да патува со кола секој ден до најблиската плажа – вели еден угостител од Охрид.
И покрај тоа што одморот секоја година е сè поскап и голем број граѓани не може да си дозволат ни една недела, сепак не е луксуз. Лекарите велат дека одморот е многу важен како за физичкото така и за менталното здравје и на возрасните и на децата.
(А. С.)