Грчките супермаркети ги намалуваат цените на 2.180 производи

16

По иницијатива на грчката Влада, супермаркетите во Грција најавија намалување на цените на над 2.000 основни производи, во просек за 8 отсто. Ова го објави генералниот директор на Сојузот на супермаркети во Грција, Апостолос Петалас, по состанокот со министерот за развој, Такис Теодорикакис, јави агенцијата АНА-МПА.

Иницијативата потекнува од Министерството за развој, а нејзината цел е да ги убеди трговските синџири да го намалат својот просечен профит кај овие производи во полза на општеството, а особено на ранливите групи.

Попрецизно, намалувањето опфаќа 2.180 производи, од кои 1.074 се прехранбени, а 1.106 се од други категории. Од вкупниот број, 1.356 се сопствени марки на синџирите, додека 824 се марки на други компании. Намалените производи опфаќаат околу 10 отсто од вкупниот асортиман во супермаркетите.

Намалувањето на цените ќе почне да биде видливо на рафтовите на продавниците кон крајот на седмицава. Овие производи ќе бидат специјално означени, а на етикетата ќе биде наведен и процентот на намалувањето. Целта на Владата е пониските цени да се задржат најмалку до крајот на годинава.

ИЗДВОЕНИ