Грчката кошаркарска репрезентација го освои бронзениот медал на веќе завршениот Евробаскет, а прва ѕвезда меѓу избраниците на Василис Спанулис беше Јанис Адетокумбо.

Кратко по прославата, се случи инцидент што го засени моментот за Адетокумбо и за неговото семејство. Неговите најблиски станаа цел на смртни закани испратени од некои турски навивачи, иако Турција ја победи Грција во полуфиналето. Пораките испратени до Јанис и до неговата сопруга, Мараја, беа заканувачки, а дел од содржината беше јавно објавена.

  • Ќе го убиеме целото ваше семејство! Ќе се плашите каде и да одите! – беше пораката испратена од извесен Хасан.

Мараја не молчеше, туку ја објави заканата во својата приказна на „Инстаграм“ и одговори на неа.

  • Бидејќи сакаш приватно да стапиш во контакт со мене, сега јавно ќе му кажам на целиот свет кој си. Честитки до турската репрезентација за медалот, има одличен тим! Сепак, ваквото однесување е неприфатливо. Се надевам дека оние што оставаат коментари полни со омраза и испраќаат одвратни пораки до моето семејство, се горди на себе – рече Мараја.

По освојувањето на бронзата, Адетокумбо објави видео од прославата, на „Инстаграм“. Во коментарите се појавија многу емотикони со турското знаме. Ова предизвика негова реакција, па напиша: „Тргнете го проклетото турско знаме“, а потоа ја отстрани објавата.

Турските медиуми го прикажаа тој говор како навреда на националниот симбол, што предизвика дополнителни јавни реакции. По ова следуваа уште поостри коментари и зголемување на тензиите меѓу дел од грчката и од турската публика.

ИЗДВОЕНИ