Грчката полиција упаси два члена на организираната криминална група „Пинк Пантери“ за кражба на накит

58

Двајца српски државјани, на возраст од 46 и 48 години, се уапсени за кражба на накит вреден повеќе од половина милион евра во Сани, Халидики, објави грчката полиција.

Тие се членови на организираната криминална група „Пинк Пантери“, објави грчкиот портал „Прототема“.

Како што е наведено, членовите на криминалната организација влегле во Грција во различно време и, користејќи лажни патни документи, изнајмиле возила, на кои ставиле украдени регистарски таблички, со цел да ги спречат властите да ги откријат.

„За да ја постигнат својата цел, тие спроведоа повеќекратен надзор на подрачјето, како и детален план за извршување на грабежот, додека користеле возила и електрични скутери за да поминат и да избегаат од златарницата“, се вели во соопштението.

За време на грабежот, 48-годишникот, заедно со непознат соучесник, онеспособиле двајца вработени под закана со пиштол и одзеле луксузни часовници и други предмети, во вкупна вредност од 579.805 евра.

Во исто време, 46-годишникот, заедно со непозната соучесничка, играле споредна улога, преправајќи се дека се посетители и набљудувајќи ја околината.

„Тие се членови на криминална организација, која е структурирана во рамките на Транснационалните криминални групи и балканските организации за организиран криминал, наречени „Розови пантери“, специјализирани за грабежи во златарници, карактеризирани со висок степен на организираност, прилагодливост и еволуирачки методи на работење“, се вели во соопштението на грчката полиција.

По повеќемесечна истрага од страна на полициски службеници од Поддирекцијата за организиран криминал на Северна Грција, идентификувани се двајца српски државјани, на возраст од 48 и 46 години.

Против нив се издадени европски потерници, врз основа на кои се уапсени во Бугарија и Хрватска, соодветно.

Грчката полиција потсетува дека грабежот се случил на 2 септември 2025 година и дека во моментов се чека одлука од надлежните судски органи во врска со нивната екстрадиција во Грција.

ИЗДВОЕНИ