Објект со исклучително вредна т.н. еклектична градска архитектура од периодот меѓу двете светски војни (поточно од 1927 година), со уникатни архитектонски и декоративни елементи, какви што се сочувани во мал број, не само во Охрид туку и пошироко во Македонија, викендов беше урнат, што предизвика бројни реакции кај охриѓани. Од „Охрид СОС“ посочија дека на 29. мај доставиле барање до Министерството за култура (Секторот за заштита на културното наследство), до Управата за заштита на културното наследство и до Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, за итна привремена заштита на куќата на улица „Димитар Влахов“, сместена во непосредна близина на старото градско јадро на Охрид.
Од Заводот и музеј Охрид, пак, посочија дека не се работи за заштитен објект, ниту, пак, тој се наоѓал во заштитено градско јадро или во контактната зона, но поради јужната фасада, заслужувал да биде заштитен на некаков начин.
–НУ Завод и Музеј Охрид е на став дека објектот поседува архитектонски вредности на јужната фасада и дека не поседува други вредности ни во ентериерот ни во екстериерот, со оглед на тоа дека е повеќепати доградуван и менувани се елементи од фасада со несоодветни интервенции, а за тие измени, нашата установа не поседува документација, посочи Горан Патчев, директор на Заводот и музеј Охрид, кој додаде дека не биле запознаени со намерата за уривање на објектот, ниту како ќе изгледа новата градба. Тој, исто така, додава дека до нив досега нема доставено барање од страна на инвеститорот за мислење за усогласеност на новопредвидената градба со Планот за управување со Охридскиот Регион, а уривањето било направено во неработен ден и набрзина.
– Поднесеното барање за итна привремена заштита дојде на службена е-пошта пред почеток на продолжен празничен викенд, кога веќе беа почнати активности за рушење, а следниот ден, неработен, објектот беше срушен повеќе од половина. Имено, за изработка на елаборат за привремена заштита се потребни повеќе време, ангажман и информации кои треба да ги прибават и потпишат стручни лица од установата, додава Патчев. Според него, има 16 објекти за кои е донесен акт за заштита од тој тип и други, како што се магазите или објекти од модерната архитектура, кои се различни од староградската охридска архитектура, а не биле предмет на заштита до носење на новиот закон за заштита на културното наследство од 2005 година. Патчев додава дека при избор за валоризација се воделе од принципот на приоритет и репрезентативност на градбата со своите стилски уметнички или историски својства кои ги поседува.
Од здружението „Охрид СОС“ велат дека над 1000 потписници има и петицијата да се заштитат објектите кои се дел од архитектонското наследство на минатиот век.












