Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) извести за ново гранатирање во близина на нуклеарната централа Запорожје, најголемиот таков објект во Европа под руска окупација, пишува The Kiev Independent.
„Она што некогаш беше практично незамисливо – гранатирање или други воени активности што се одвиваат во близина на големи нуклеарни инсталации – стана редовна појава за време на оваа ужасна војна“, рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.
Набљудувачите на МААЕ на терен забележаа „црн чад што се издига од три блиски локации“ по гранатирањето. Раководството на централата, формирано од Русија, ѝ соопшти на агенцијата дека артилериските гранати паднале приближно 400 метри од складиштето за дизел гориво што се наоѓа надвор од самата централа.
Нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа во окупираниот град Енергодар, произведуваше околу 20% од електричната енергија на Украина пред руската инвазија. Руските сили ja зазедоа во март 2022 година.
МААЕ со месеци предупредува за сериозните ризици од нуклеарна несреќа, велејќи дека Русија ја користи централата за да изврши притисок врз Украина и нејзините меѓународни партнери. Според извештаите, московските сили стационирале војници и опрема во објектот и редовно ја гранатирале околната област.
Русија тврди дека централата е нејзино сопствеништво во рамките на нелегална анексија на регионот Запорожје и, според извештаите, гради нови далноводи за да ја поврзе со сопствената електрична мрежа.
Соединетите Американски Држави, според извештаите, предложиле план за враќање на контролата врз централата на Украина, пред да го предадат управувањето под наздор на САД. Целта била да се обезбеди снабдување со електрична енергија и во областите контролирани од Русија и во областите контролирани од Украина.
Москва првично го отфрли предлогот, иако рускиот претседател Владимир Путин подоцна изјави дека е „отворен“ за соработка со Украина и САД во врска со електраната.