Етно-оркестарот „Александар“ од Виена е добитник на гран-при наградата за најдобри изведувачи на годинашниот 51. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што се одржа на 31 мај и 1 јуни на Рудина, Долнени, лулката на гајдаџиството во Македонија. На фестивалот двата дена учествуваа околу 300 изведувачи на изворен мелос од Македонија и од странство.

-Ние сме среќни што наоѓаме начини да ја негуваме оваа музика. Првпат во дијаспората може секој да дојде и да го учи изворниот македонски мелос. Настапуваме насекаде и ја шириме македонската музика и таа убава енергија, изјави Александар Арабаџиев кој го води оркестарот „Александар“ во Виена.

Младиот гајдаџија Александар Ангелов од Штип, пак, е добитник на наградата „Гајдата на Пеце“ што ја доделува Општина Долнени. Вели дека цел живот е со звуците на гајдата.

-Гајдата за мене има големо значење. Пораснав со тој звук, свиреа моите предци и мојот татко. Ќе продолжам да ги негувам овие волшебни звуци, вели Ангелов.

Фестивалското жири за особени изведби додели и 10 статуетки со патронот на Фестивалот, три гајдарки и дипломи на сите учесници. Во рамките на фестивалот се одржаа и семинар за изучување на изворниот мелос и симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“.

ИЗДВОЕНИ