Филмот го претставува Сандро, кој се бори да ги усогласи својата должност кон Бога и својата разбудена сексуалност, што се манифестира на неконтролирани начини и го води кон сомнително однесување, додека бара смисла и припадност во турбулентното општество на постсоветска Грузија
Филмот „Паноптикон“ на грузиско-американски режисер Георги Сикарулиѕе ја доби наградата Гран-при за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, чие 10. јубилејно издание заврши синоќа во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во скопската населба Кисела Вода. Филмот од 2024 година, копродукција на Грузија, Франција, Италија и Романија, го претставува Сандро, кој се бори да ги усогласи својата должност кон Бога и својата разбудена сексуалност, што се манифестира на неконтролирани начини и го води кон сомнително однесување, додека бара смисла и припадност во турбулентното општество на постсоветска Грузија.
– Исклучителна режисерска интуиција во раскажувањето приказни која се базира на клише, но далеку ги надминува границите на очекуваното, внесувајќи нè во светот на личниот, кревкиот и еротскиот универзум на главниот лик. Чувствителноста, чувството, храброста, непредвидливоста и ранливоста на ликовите во филмот создаваат мозаик од необичен и фасцинантен свет на Грузија, се вели во одлуката на жири-комисијата која одлучуваше за наградите на годинашното издание на „Киненова“ во состав Срдан Голубовиќ, Хамад Солејманзадех и Владимир Самоиловски.
Наградата за најдобра режија, пак, отиде кај српскиот режисер Вук Ршумовиќ за филмот „Помеѓу боговите“, за „внимателно осмислен и контролиран мизансцен, исклучителна работа со актери, минималистичките режисерски алатки преку кои режисерот создава емоции, интимност и разбирање – силни и моќни, трогателни и убедливи визуелни елементи“.
За истиов филм „Помеѓу боговите“, со награда за најдобро сценарио се закитија Момир Турудиќ и Вук Ршумовиќ. Својата одлука жирито ја образложи со зборовите: Филм за сомнежот, за длабокото човечко егзистенцијално преиспитување на животот, за прашањето за човештвото и за суштината на нашето постоење, со исклучителни ликови, прецизност во нарацијата, кредибилитет на ликовите и јадрото на она што ни го нуди кинематографското раскажување приказни.
За најдобар краток филм од 16 филмови кои беа во конкуренција, награден е „Пиратска земја“ на Ставрос Петрополус. Жирито го оцени како многу интересен филм, со храбро истражување и голем режисерски подвиг што креира простор за човечка комуникација во модерното време каде тоа не е многу лесно и нè тера да размислуваме подлабоко за нештата.
За особено визуелно достигнување жирито го истакна филмот „Затемнување“ од Ахмет Елзогби од Египет. Жирито смета дека станува збор за исклучителен филм со исклучителна кинематографија и креативна игра со светло и ефекти.
Претседателот на жирито, Срдан Голубовиќ, рече дека е среќен што е дел од јубилејното издание на „Киненова“, фестивал кој се бори за уметничкиот авторски филм и сите овие десет години ѝ носи на оваа средина некои од најважните наслови од светот на авторскиот филм.
– Се надевам дека овој фестивал ќе ја продолжи борбата за публика која ќе гледа авторски филмови и која во следните години ќе открива што европскиот и светскиот филм ѝ нудат на нашата публика. Во денешно време филмската дистрибуција е ограничена, а фестивалите се места кои ни ги носат најинтересните остварувања што се случуваат во светот во овој момент, посочи Голубовиќ.
Директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ, изрази задоволство од содржините и од гостите на фестивалот, како и од мастеркласовите, а Гена Теодосиевска, уметнички директор на фестивалот, истакна дека е задоволна што работела со еден компактен тим, кој заслужува големи пофалби бидејќи се снаоѓал и во време и во невреме.
– Многумина наши гости – автори на прашањето колку филмот може да го промени светот, велат многу малку, но како личности, ние сите се менуваме по секој изгледан филм и јас верувам во тоа. По секој филм ние имаме еден друг поглед затоа што авторот ни го овозможува тоа. Авторскиот филм е една бујна река. Но таа треба да стигне некаде. Ако не стигне никаде, ако не дојде на фестивалите, ако не знаеме да го препознаеме, тоа е многу тажно. Ние се обидуваме да го препознаеме авторскиот филм. Онолку колку што ни овозможува буџетот, колку што можеме ние да стигнеме и затоа сме задоволни што годинава имавме одлична селекција, програма во фокус на Унгарија и Австрија и автор во фокус – Срдан Голубовиќ. Имавме извонредни лауреати – Лив Улма, Владимир Самоиловски и Даг Јохан Хагеруд, додаде Теодосиевска.
Фестивалот се затвори со проекција на филмот „Прасловен“ на режисерот Слободан Максимовиќ, а по проекцијата пред присутните се претставија Зоран Предин, Барбара Предин, Борис Дежуловиќ и режисерот Максимовиќ.
–„Прасловен“ е еден од најпотентните документарци во последнава година кој на сите фестивали во регионов предизвикува големо внимание. Откако ќе го погледнеме филмот, сигурни сме дека во иднина за ниту еден политичар нема да биде снимен ваков филм каков што е снимен за Зоран Предин, рече селекторот на фестивалската програма, Игор Анѓелков.