вторник, јануари 27, 2026
Дома КУЛТУРА Гран при за „Диџеј Ахмет“ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови

Гран при за „Диџеј Ахмет“ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови

109

Гран при наградата на 38. Филмски фестивал во Херцег Нови во Црна Гора -Голема златна мимоза – му беше доделена на филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги Унковски за, како што е соопштено, неговата способност да внесе нова виталност и емоции во наративот за созревање. Фестивалот во Херцег Нови се одржа од 23 до 29 август.

На затворањето на Филмскиот фестивал во Херцег Нови (ФФХН), жирито составено од Предраг Перишиќ – претседател, и членовите Есра Демиркиран, Маја Богоевиќ, Наташа Нинковиќ и Горчин Стојановиќ, го препозна филмот „Диџеј Ахмет“ како искрено истражување на првата љубов и товарот на традицијата.

„Георги М. Унковски раскажува приказна која е длабоко вкоренета во културата, а во исто време резонира универзално. Главниот лик (15-годишниот Ахмет) вложува напори да ги помири традицијата и модерноста, да ги исполни соништата на својот татко, но и сопствените – носејќи ни длабоко личен дискурс за пронаоѓање на сопствениот глас во свет кој се обидува да го замолчи. Го наградуваме овој филм за неговата способност да внесе нова виталност и емоции во наративот за растењето“, се вели во одлуката на жирито.

Наградата на режисерот Георги М. Унковски му ја врачи Стеван Копривица, професор, драматург, сценарист и уметнички директор на фестивалот.

Георги М. Унковски, пак, изјави: „Ова е мојот прв филм, се надевам дека не е и мојот последен. Ќе продолжиме да снимаме филмови дури и кога изгледа невозможно“.

Инаку, дебитантското долгометражно остварување на Унковски минатиот месец голем успех доживеа и на 31. Сараевски филмски фестивал каде доби три награди: Специјалната награда за перспектива на младите, наградата Синеуропа и Уникредит наградата на публиката. Со овие три признанија, „Диџеј Ахмет“ се вброи меѓу најнаградуваните и најистакнати филмови на овогодинешното издание на Сараевскиот фестивал.

Како што е познато, „Диџеј Ахмет“ македонска премиера ќе има на затворањето на 46. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, што ќе се одржи од 20 до 26 септември.

ИЗДВОЕНИ