Сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово беше сведок на интелигентна, провокативна и емотивно набиена комедија, која преку судирот на две семејства ги осветлува ранливоста на човековата природа и распадот на општествените вредности
На 28. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово, Македонскиот народен театар триумфираше со дури две престижни награди. Гран-при за најдобра претстава ја доби „Бог на колежот“ – Македонски народен театар, Скопје, а за најдобар актер беше прогласен Ѓорѓи Јолевски, за улогата во претставата „Бог на колежот“.
Наградите беа доделени со едногласна одлука на жирито, во состав на Александар Ивановски – претседател; Дубравка Киселички, Петар Андоновски, Гергана Трајкова и Стефан Јакимовски – членови.
Претставата е копродукциски проект работен според текстот „ God of Carnage“ од Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска. Сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово беше сведок на интелигентна, провокативна и емотивно набиена комедија, која преку судирот на две семејства ги осветлува ранливоста на човековата природа и распадот на општествените вредности.
Во претставата играат: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева, како и децата од актерската школа на Петрушевска.
Иако минималистички по форма, „Бог на колежот“ плени со силна актерска игра, духовит дијалог и прецизна режиска визија, кои на публиката ѝ понудија искуство што и забавува и поттикнува на размислување.
Ова признание за Јолевски, првенец на ансамблот на МНТ, е резултат на неговата исклучителна интерпретација и актерска зрелост, кои успешно го обликуваат сложениот лик и ја доловуваат драматичната напнатост зад хуморот на текстот.
Во повеќедецениската кариера исполнета со значајни улоги во театарот, филмот и телевизијата, Јолевски уште еднаш покажа зошто важи за еден од најпочитуваните и највлијателните актери во земјата.
Познат по улоги во сериозни драмски жанрови, Јолевски првпат се натпреваруваше на фестивал со комичен карактер и маестрално се префрли во светот на комедијата, покажувајќи актерска флексибилност, суптилен хумор и длабоко разбирање на сложената природа на човечките односи.
Како круна на годинашното издание, фестивалот ѝ го додели признанието „Лауреат“ на актерката и режисерка Весна Петрушевска, за нејзиниот исклучителен придонес во развојот на македонската комедија.