четврток, февруари 26, 2026
Дома КУЛТУРА Граматиката од Кепески – научен доказ за посебноста и зрелоста на македонскиот...

Граматиката од Кепески – научен доказ за посебноста и зрелоста на македонскиот јазик; Одбележани 80 години од излегувањето на фундаменталното дело

13

Со свечен час на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска беа одбележани осумдесет години од излегувањето на „Македонската граматика“ од Круме Кепески. Настанот се случува во рамките на чествувањето на јубилејот 80 години од основањето на Филолошкиот факултет.

– Првата „Македонска граматика“ на Кепески е еден од клучните учебници, наставни помагала од кои голем број генерации се воспитувале, ги стекнувале основите на македонската граматика и затоа ова дело претставува еден од темелите на македонистиката и на филологијата, поврзани и со процесот на наставата и едукацијата, но, секако, и со развојот на македонистиката како научна дисциплина – рече деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски.

Раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Искра Пановска-Димкова, пак, истакна дека првата „Македонска граматика“ на Кепески е дело што претставува еден од столбовите на современиот македонски литературен јазик и историски документ од прв ред во културно-националната самобитност на нашиот народ. Излегувањето на оваа граматика во 1946 година, како што посочи, не било само научен чин туку и чин на јазично и културно раѓање.

– Во услови кога, по ослободувањето, се градат државноста, образованието и јавниот живот, кога, конечно, е признат македонскиот јазик како службен јазик во нашата држава, потребата од кодифицирана граматичка норма била и итна и суштинска. Кепески ја препознал таа насушна потреба и со длабоко чувство на одговорност, но и со голема визија, ја презел работата врз ова пионерско дело што го чествуваме денес. Работејќи интензивно во текот на 1945 година, тој ја создава првата синтеза на македонската граматичка структура, потпирајќи се врз претходните истражувања на централните дијалекти, врз сопственото познавање на прилепскиот говор и врз јасната историска свест за развојниот континуум на нашиот јазик – нагласи Пановска-Димкова.

Додаде дека „Македонската граматика“ на Кепески се појавила веднаш по ослободувањето, кога имало многу малку печатени текстови на македонски јазик и дека со тоа претставува пример за научна истрајност, за творечка храброст и за силна посветеност кон сопствената културна заедница.

Посочи и дека „Македонската граматика“ веднаш била препознаена како фундаментален труд, најнапред кај домашната јавност, каде што се исцрпил тиражот за кратко време, а потоа и кај меѓународните слависти. За неа биле дадени силни позитивни оцени, препознавајќи ја како научен доказ за посебноста и зрелоста на македонскиот јазик.

Денес, рече таа, осум децении подоцна, ние не се навраќаме само на една книга. Се навраќаме на научната реалност претставена во неа: дека македонскиот јазик има сопствен граматички систем, сопствена структура и сопствено културно наследство, дека овој јазик е создаван низ вековите и заслужува да биде проучуван, негуван и унапредуван.

– Кепески остави не само граматика туку и пример како му се служи на сопствениот народ со знаење, интегритет и посветеност. Нашата задача денес е да го продолжиме тој дух – да ја чуваме научната традиција, да го развиваме јазикот во чекор со времето и да останеме непоколебливи во зачувувањето на неговиот идентитет, зашто јазикот е живо културно наследство што треба да го градиме и да го браниме сите заедно – додаде Пановска-Димкова.

Проф. д-р Димитар Пандев истакна дека Граматиката на Kепески се појавила спроти времето на описните граматики. Во тој контекст, подвлече дека со Граматиката на Кепески започнало самостојното постоење на македонскиот јазик.

За проф. д-р Јованка Кепеска, „Македонската граматика“ од Кепески е, секако, историско првенче, има и национални и културни придобивки.

– Тенденција на сите народи е да создадат граматика, односно да ги изучат законитостите на јазикот – додаде таа.

ИЗДВОЕНИ