На вчерашната собраниска седница ВМРО, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН здружено поставија предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик, повторно по скратена постапка, со кој ѝ плукаат во лице на уставноста и со кој дрско ја погазуваат одлуката што ја донесе Уставниот суд за укинување на претходните противуставни измени на Изборниот законик што Собранието ги донесе во март 2024 година, реагираа синоќа седум граѓански здруженија.
Тие реагираат по предлогот за промените во Изборниот законик кој вчера во македонскиот парламент ги претстави коориднаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. Тие се однесуваат на условите за кандидирање на независните кандидати на локалните избори врзано за собирањето на потписите на граѓаните. Предвидено е усвојувањето да оди по итна постапка. Според предлогот, треба да има градација на потписите согласно бројот на запишаните гласачи во одредени општини па така: за општини со број на гласачи: до 10 000 – најмалку 100 потписи, од 10 001 до 20 000 – 200 потписи, од 20 001 до 30 000 – 300 потписи, од 30 001 до 40 000 – 400 потписи, од 40 001 до 50 000 -500 потписи, од 50 001 до 60 000 – 600 потписи, од 60 001 до 70 000 – 700 потписи, од 70 001 до 80 000 – 800 потписи, од 80 001 до 90 000 -900 потписи, за општини над 90 001 жители најмалку 1.000 потписи, а за град Скопје – најмалку 3.500 потписи од граѓаните запишани во Единствен избирачки список.
Седум граѓански организации сметаат дека ова е неприфатливо и дека тенденцијата да ги подметнуваат истите валкани сопки останува.
-Не затоа што независните не се доволно добри, туку затоа што се доволно опасни — по нивниот монопол. Ова не е изборен закон. Ова е акт на страв! Страв од гласот што не го контролираат, ама нема да им помине❗. Предложените измени на Изборниот законик се во колизија со одлуката со која Уставен суд ги укина претходните противуставни одредби од 1 отсто. Сега предложените прагови за потписи се дури и повисоки од 1 процент за голем број на општини каде што се наоѓаат најголем број од избирачите. Уставниот суд наведе дека зголемувањето на потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидати претставува вмешување во остварувањето на избирачкото право на граѓаните што е гарантирано со член 22 од Уставот бидејќи со оспорената измена се отежнати или оневозможени условите под кои граѓаните ќе можат да избираат независни кандидати. Претходните одредби беа применувани безмалку две децении и се поставува прашањето зошто пратениците во 2024 г. се одлучија да ги изменат по 18 години нивна примена во практиката без доволно аргументирано објективно образложение. Истото се случува и со сегашните предлози – се потенцира во реакцијата.
Се додава дека предложените измени на Изборниот законик не се во функција на поттикнување, туку во функција на ограничување на плурализмот на политичките ставови и мислења, што е прекршување на уставно загарантираното право на кандидирање за јавна функција што го има секој граѓанин на Македонија уредено во чл. 23 од Уставот.
-Наместо да се борат за доверба, партиите во Македонија се борат против независните кандидати — на терен што го подготвуваат тие самите, со удари кои не се само под појас, туку и од зад грб – наведуваато во соопштението здруженијата Шанса за Центар, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, Независни За Карпош – За Заштита На Карпош, Зелените Од Гази Баба, Подобро за Тетово, Поинаку и Стига е. (Б.Ѓ.)