Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во февруари се зголемени за речиси илјада денари во споредба со јануари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија, кој ја прави синдикалната потрошувачка кошничка.
Синдикалната минимална кошничка за февруари изнесува 67.382 денари и во однос на синдикалната минимална кошничка во јануари е зголемена за 969 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, вредноста на синдикалната минимална кошничка се зголемува на 82.757 денари.
Зголемување од речиси илјада денари има и во делот на храната, односно ако за јануари биле потребни минимум 24.211 денари, во февруари за таа намена биле потребни 25.156 денари.
Од ССМ велат дека за само два месеци од почетокот на годината, најавеното усогласување на минималната плата, кое треба да се случи во март, е изедено со растот на минималната синдикална кошничка.
– За само два месеци, едно семејство е посиромашно за две илјади денари. За 24 месеци, односно околу колку што одбиваа да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари и затоа наместо да се препукуваат на грбот на работниците и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат минималната плата, која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите други плати за најмалку 6.000 денари – вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
ССМ им остави простор на Владата и работодавците до крајот на февруари да се договорат за зголемувањето на минималната плата, во спротивно, најавуваат уште еден протест и организирање генерален штрајк.
Неодамна, заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, изјави дека е изготвена владината потрошувачка кошничка уште минатата година, но сè уште, повеќе од шест месеци, се чека одговорот од синдикатите и работодавците, да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии, кои, можеби, би требало да се вградат во неа.
Според Ристески, синдикатите ја пресметуваат синдикалната кошничка врз основа на цените од еден или два маркети и ги земаат предвид сезонските овошје и зеленчук што не се карактеристични за соодветните период. Притоа, вели, податоците не се однеcуваат на цел месец, туку кошничката се пресметува на 20. во месецот. Како што рече, тоа го прават за да вршат синдикален притисок во јавноста и врз Владата за зголемување на платите.
Тој рече дека владината потрошувачка кошничка е пониска од минималната, а разликата во однос на синдикалната, сигурно, ќе биде повеќе од 10 отсто.












