Облека од лани, трпеза на рати – скапотијата ја изеде празничната атмосфера

Годинава ја нема вообичаената празнична еуфорија, кафеаните се скапи и голем дел од граѓаните ќе ја пречекаат Нова година дома. Се купуваат само основните прехранбени производи, кои се потребни за да се наполни новогодишната трпеза. Но, и за нив годинава ќе треба да се потроши многу повеќе поради зголемената инфлација и повисоките цени. Иако е Нова година на прагот, во моловите, трговските центри и во маркетите сè уште не се чувствува некоја поголема празнична шопинг-треска, а граѓаните се едногласни дека скапотијата не им дозволува да се расфрлаат со пари

53

Во текот на празниците се губи контролата над паричникот, но факт е дека граѓаните секоја година се сè попресметливи. Велат дека стандардот не им дозволува многу да се опуштат за новогодишните празници, па ќе си ги испружат нозете колку што им дозволува чергата. Но, има и такви што им пркосат на ниските плати, па за да ги поминат празниците „на ниво“, се задолжуваат со брзи кредити. Трговците велат дека годинава нема празнична еуфорија, кафеаните се скапи и голем дел од граѓаните ќе ја пречекаат Нова година дома. Се купуваат само основните прехранбени производи, кои се потребни за да се наполни новогодишната трпеза. Но, и за нив годинава ќе треба да се потроши многу повеќе поради зголемената инфлација и повисоките цени.

Иако е Нова година на прагот, во моловите, трговските центри и во маркетите сè уште не се чувствува некоја поголема празнична шопинг- треска, а граѓаните се едногласни дека скапотијата не им дозволува да се расфрлаат со пари. Трговците се разочарани од прометот и од тоа што голем дел од граѓаните за да имаат пари да ја наполнат празничната трпеза, се воздржуваат од купување гардероба.

– Имам еден фустан со светки од лани, кој ќе го носам на дочекот на Нова година, важно е да се излезе од дома и да се прослави со пријателите. Не сакам да купувам гардероба сега, кога знам дека ќе има попусти по Нова година и сè ќе биде на половина цена. Важно ми е да го наполнам фрижидерот и да имаме храна за неколку дена, бидејќи голем дел од маркетите нема да работат во текот на празниците – вели една скопјанка.

Генерално, граѓаните се согласуваат дека не постои расположение за некое поголемо славење и за трошење пари, бидејќи со овие плати и пензии треба да се истера цел јануари, кој, како што велат, е најдолг месец во годината.

И покрај тоа што и во маркетите има новогодишна акции и попусти, цените на некои производи се недостапни за поголем дел од граѓаните. Килограм овчи кашкавал чини колку еден пар чевли и достигнува и до 1.500 денари. Слична е ситуацијата и со некои сувомесни производи како што е пршутата, која е околу 1.000 денари за килограм. Кравјиот кашкавал е нешто поевтин и се движи од 500 до 900 денари, во зависност од кој маркет го купувате. Под 300 денари нема кравјо сирење во маркетите, а овчото е околу 500 денари за килограм. Доматите се 130 денари за килограм, краставиците од 150 до 170, а пиперот околу 170 денари за килограм.

– Прасечкото е од 300 до 450 денари, јагнешко немаме моментално, но го продаваме по 600 денари, додека говедското чини од 800 денари, па нагоре за килограм. Килограм домашни димени колбаси чини 400 денари, пушена печеница 800 денари, килограм свинско месо од 300 до 500 денари, а килограм мешано мелено месо – 400 денари. Цената на пилешкиот стек, кој е доста баран за празниците, чини од 400 до 600 денари – велат за весникот ВЕЧЕР од една скопска месарница.

Домаќинките кои подготвуваат дома печено месо, сарма, кифли, руска… кои се задолжителни за новогодишната трпеза, велат дека годинава трпезата поскапо ќе ги чини. Само за едно тенџере сарма треба да издвојат 600 денари, а каде се салатите, кифлите, пијалаците, мезето… Велат дека новогодишната трпеза, без разлика кој што ќе подготвува, за сите ќе биде солена.

Иако нема точни податоци колку трошат македонските граѓани за празниците, сумата реално ќе биде повисока од лани, бидејќи граѓаните се принудени да трошат повеќе поради инфлацијата и зголемувањето на цените. Сите се согласуваат дека, во просек, граѓаните во декември трошат повеќе отколку во остатокот од годината, но и оваа празнична сезона видлив е јазот меѓу желбите и можностите.

Инфлацијата не се смири, куповната моќ е ограничена, а над 50 отсто од приходите одат за храна.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ