Чадот од големиот пожар, кој во четвртокот ги зафати напуштените бараки во поранешниот комплекс „Макотекс“ во скопската населба Карпош 4, е особено опасен по околината и по здравјето на луѓето бидејќи покривите на објектите што изгореа се од азбестни плочи. Според лекарите, тие се опасни кога се скршени и се ронат, особено при пожар, кога азбестните честички лесно се пренесуваат преку чадот и се канцерогени. И пред повеќе од две години кога изгореа азбестните покриви на погоните во кругот на поранешната фабрика „Треска“, така и овој пат локалните власти им препорачаа на граѓаните да избегнуваат движење во околината сè додека има рецидиви од пожарот, а на станарите од околните згради да не ги отвораат прозорците. Тогаш беше најавено дека ќе се анализираат последиците од пожарот, но и ден-денес никој не излезе да каже какви се резултатите

 

Чадот од големиот пожар, кој вчера ги зафати напуштените бараки во рамките на поранешниот комплекс „Макотекс“ во скопската населба Карпош 4, е особено опасен со оглед на тоа што станува  збор за материјалот азбест, поточно, покривите на објектите што изгореа се од азбестни плочи. Ова повторно го актуализира проблемот со постоењето на азбестните покриви кој се толерира од надлежните.

Последиците од азбестот се страшни и предизвикуваат разни проблеми со здравјето на граѓаните. Затоа се поставува прашањето што ќе преземат надлежните за да граѓаните ги почувствуваат што помалку.

Од Општина Карпош велат дека овластените лица од кај нив веднаш излегле на терен и ја констатирале ситуацијата, локалната самоуправа дала препораки на самото место до граѓаните да избегнуваат движење во таа непосредна околина сè додека има рецидиви од пожарот, а станарите од околните згради да не ги отвораат прозорците.

Пред повеќе од две години исто така гореа азбестни покриви на погони во кругот на поранешната фабрика „Треска“. Тогаш Општина Центар формираше Кризен штаб за да се анализираат последиците од пожарот и беше најавено дека  општината ќе се координира со другите надлежни институции и ќе преземе соодветни мерки. Освен тоа, беше кажано и дека Општина Центар ќе побара од овластени лаборатории за животна средина да извршат мерења и да достават извештаи од мерењата за да се одредат следните чекори.

Но, од сето тоа до ден-денес не видовме ништо.

Дека азбестните покриви се многу штетни  по здравјето на околината тврди и  доктор Бојан Трајковски. Тој на „Фејсбук“ нагласи дека најголема опасност за здравјето на луѓето е кога тие се долготрајно изложени на азбестно труење или кај оние со краткорочно, интензивно и екстремно изложување.

Трајковски наведува дека азбестот е најчесто користен како азбестно-цементни плочи кај дел од многу покриви во државава, кои нашле широка примена поради својата отпорност на оган.

– Целосен, како плоча, не претставува голема опасност за здравјето на луѓето. Главниот проблем кај нас е што најголем дел од времените објекти имаат огромен број оштетени азбестни плочи, кои се ронат, кои се издробени и скршени, па при силен пожар, азбестните честички лесно се пренесуваат преку чадот и прашината и се толку опасни што е ставен азбестот во класата 1 канцерогена материја, според Меѓународната агенција за истражување на ракот – објаснува Трајковски.

Според него, последиците се страшни и предизвикуваат разни проблеми кај дишните органи, а вдишувањето на овие честички може да предизвика долготрајна кашлица, задушување, градни болки.

Употребата на производи со кој било вид азбест е целосно забранета во земјите од Европската Унија од 2005 година наваму.

Материјалите што содржат азбест се разединуваат на азбестни влакна во случај на шмирглање, сечење, брусење или при нивно одржување или отстранување. Повеќето влакна, движејќи се низ воздухот, се таложат во дишните патишта и ако се поголеми, се чистат со нормалните физиолошки процеси, а помалите влакна се поопасни и може да се наталожат длабоко во белите дробови или да се пренесат до другите органи. Азбестот се нарекува и „прикриен убиец“, затоа што латентниот период од изложувањето до настанување на болеста (најчесто рак) е долг период – од 15 до 50 години.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ