Раководителката на Секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје, Ивана Бајкова-Шаља, вели дека граѓаните не се заинтересирани да дадат предлози или барања што се однесуваат на јавните површини и дека поради тоа не може да се развие јавна дебата.

– Граѓаните што доаѓаат, се интересираат за своите парцели, а не за јавните површини и улици. А, за спорниот план за  градскиот кварт C3 16 во Ѓорче Петров воопшто никој не дојде. Дојдоа само од „Алкалоид“. Воопшто не дојдоа претставници од Општината, ниту, пак, претставници од здруженијата на граѓани. Нема наплив од граѓани, од кои би дознале што би требало да се коригира за да може понатаму подетално да се испланира – објасни Бајкова-Шаља

 

Граѓаните не покажале интерес за јавните дискусии што ги организираше Град Скопје изминативе неколку дена, во рамките на постапката за изработка на новиот генерален урбанистички план за Град Скопје 2022-2032 година, чија цел, како што велат градските власти, е нивно вклучување во процесот на планирање и уредување на просторот.

По три години од истекувањето на постојниот ГУП, Град Скопје отвора нова фаза за носење на идниот ГУП.

Карванот јавни дискусии започна во Ѓорче Петров, со разгледување на сите градски квартови одделно, но и по повеќе денови јавна дискусија, ги нема граѓаните да понудат идеи, забелешки или предлог како да се уреди јавниот простор.

Од Секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје велат дека прибираат забелешки и нудат појаснување за сите заинтересирани граѓани.

– Овие јавни дебати се со цел да дознаеме што повеќе за нивните потреби во однос на нивното секојдневно живеење – децидна е раководителката на Секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје, Ивана Бајкова- Шаља.

Додава дека граѓаните не се жалат, туку прашуваат, на пример, дали е сменета намената во планот за одреден кварт, дали може да се промени одредена сообраќајница, меѓутоа, нагласува дека малкумина го прават тоа.

Таа вели дека граѓаните не се заинтересирани да дадат предлози или барања што се однесуваат на јавните површини и дека поради тоа не може да се развие јавна дебата.

– Граѓаните што доаѓаат се интересираат за своите парцели, а не за јавните површини и за улиците. А, за спорниот план за  градскиот кварт C3 16 во Ѓорче Петров воопшто никој не дојде. Дојдоа само од „Алкалоид“. Воопшто не дојдоа претставници од Општината, ниту, пак, претставници од здруженијата на граѓани. Нема наплив од граѓани, од кои би дознале што би требало да се коригира за да може понатаму подетално да се испланира – објасни Бајкова-Шаља.

Таа вели дека ја загрижува тоа.

– Јас сум загрижена, бидејќи ова значи дека немаме познавање што значат јавен простор и ГУП. На социјалните мрежи, граѓаните реагираат дека недостига ова или она, а кога се повикуваат на јавна дебата, никаде ги нема – реагира Бајкова-Шаља.

Додава дека додека во одредени градови надвор од државата, дел од улиците се претвораат во јавни простори, а кај нас, како што вели, граѓаните не излегуваат со предлози за тоа, на пример, каде недостига зеленило или каде нема осветлување.

Бајкова-Шаља се надева дека од наредната недела, кога ќе има јавна дебата за градските квартови во другите општини, ќе има поголем интерес. Се предвидува денеска, во салата на Советот на Град Скопје, да се одржи јавна дискусија за просторот во урбаниот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје за територијата на општините Карпош и Сарај.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ