Граѓаните почнаа да ги добиваат новите сметки за струја на кои стои дали броилото e читано или не

3462

Граѓаните почнаа да ги добиваат новите сметки за струја на кои може да се види дали е читано броилото или не. Доколку има ознака О на сметката, тоа значи дека е прочитано броилото. Ако, пак, броилото има ознака М, тоа значи дека фактурата содржи претпоставени вредности врз основа на историјата на потрошена електрична енергија на корисникот. Податокот се наоѓа на задната страна од фактурата, во делот „Податоци од броило“. Ова, како што изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, значи поголема транспарентност и намалување на бројот на жалби од граѓаните.

– Кога излезе тој проблем, јасно кажавме дека ќе преземеме мерки. Прво што кажавме е дека на секоја сметка ќе има податок дали е читано броилото или не. Така, со последните сметки што ги добија домаќинствата, може да се види тоа. Ако е читано – има ознака О, ако не е читано – има ознака М. Со самото тоа, кога ќе видат дека е читано, нема потреба граѓаните да поднесуваат жалба доколку се незадоволни. Со новиот Закон за енергетика е предвидено да се прави читање најмалку еднаш во три месеци. Инаку, и досега, кај нас, некаде околу 85 проценти од броилата се читани. Она што го побаравме од ЕВН е во наредниот период да инвестира многу повеќе во паметни броила. Еден таков тендер за набавка на повеќе броила е во тек и во овој момент имаме околу 200 илјади броила со далечинско читање. Се надеваме дека понатаму, секоја година, сè повеќе и повеќе ќе се зголемува тој број и дека на тој начин ќе го снема проблемот со читањето на броилата. Исто така, побаравме од Електродистрибуција да направи многу поедноставна веб-платформа на која домаќинствата ќе можат да ги доставуваат своите читани податоци, да нема јавување на телефон, праќања по „Вибер“… Едноставно, на самата платформа, со својот кориснички број да ги доставуваат своите податоци за потрошена електрична енергија – изјави Бислимоски.

Тој вели дека и до РКЕ стигнувале забелешки од граѓани дека некаде нема можност да се прочитаат броилата. Поради тоа, Регулаторната побарала од ЕВН да направи корекција кај овие броила, односно да бидат во состојба да се читаат.

– Во овој период, во тек се повеќе активности што се во насока да нема проблеми со читањето на броилата. Имавме пристигнато околу 800 жалби. Има проблеми и за тоа се преземаат конкретни чекори за да се може да се намали бројот на жалби. Сега, со оваа можност, ќе се намали бројот на жалби, бидејќи граѓаните ќе може да видат дали е читано броилото или не – појасни Бислимоски.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ