ГРАЃАНИТЕ ПО ОСМИ ПАТ ИЗБИРААТ ЛОКАЛНА ВЛАСТ: Македонија гласа – ВО ТРКА И СЕДУММИНА ДЕВЕДЕСЕТГОДИШНИЦИ

Во изборната трка учествуваат 312 кандидати за градоначалници и 575 листи за советници, пријавени од 6 партиски коалиции и од 26 политички партии, додека групи избирачи дадоа поддршка на 56 независни кандидати за градоначалници и 67 независни кандидатски листи за членови на совет. Ова ќе бидат први избори што ќе се одржуваат во услови на намален број на населението во земјава, поради што во вкупно 14 македонски општини ќе се избира и помал број советници, а во три повеќе. Меѓу пријавените кандидати за градоначалници доминираат мажите, со 80-90 проценти. Скопските избирачи ќе добијат и најдолго гласачко ливче во земјава, долго половина метар, поради дваесетте пријавени листи за советници. Куриозитет се и податоците на ДИК, кои покажуваат дека меѓу пријавените кандидати за советници има дури седуммина што се постари од 90 години. Најстара е 97-годишната Цветанка Велјанова од МААК, кандидат за советник во Општина Битола

199

Одлуката за тоа кому ќе му го доверат раководењето со 80 македонски општини и со Градот Скопје денеска и утре почнуваат да ја носат граѓаните, на осмите локални избори по ред во земјава. Првиот круг гласање започнува денеска, со гласањето на болните и на немошните, како и на притворениците и затворениците. Како што соопшти Државната изборна комисија, за гласањето се пријавени околу 9 илјади болни и немоќни лица, 2.162 затвореници и 450 избирачи во домовите за стари лица. Тие се дел од вкупно 1.832.415 запишани избирачи во земјава, меѓу кои се и 112.000 избирачи што престојуваат во странство, а кои може да гласаат доколку дојдат во општините од кои заминале во странство. Сите тие најмасовно ќе излезат на гласање в недела, од 7:00 часот изутрина, кога ќе бидат отворени 3.474 гласачки места, шест помалку од постојните избирачки локации, од причина што веќе нема население во нив. На 132 избирачки места во 32 општини во државата што имаат помалку од 10 гласачи, граѓаните ќе можат да го дадат својот глас во најблиското избирачко место.

Ова ќе бидат први избори што ќе се одржат во услови на намален број на населението во земјава, а што го покажа последното пребројување на населението, пред четири години. Поради ова, во вкупно 14 македонски општини ќе се избира и помал број советници во општинските совети, а во три повеќе, што е претходно утврдено со владината одлука. Партиите и независните кандидати синоќа на полноќ ја завршија својата дваесетдневна изборна кампања, во текот на која на граѓаните им ги претставија своите проекти и идеи што ќе ги прават доколку ја добијат довербата. Во кампањата доминираа проблемите со јавниот превоз, нехигиената, загадениот воздух, урбанизмот, сообраќајниците, но и корупцијата. ДИК порано соопшти дека во изборната трка влегуваат 312 кандидати за градоначалници и 575 листи за советници. Како подносители на листите за градоначалници или за советници се јавуваат 6 коалиции и 26 политички партии, додека групи избирачи дале поддршка на 56 независни кандидати за градоначалници и 67 независни кандидатски листи за членови на совет.

– Доминантен дел од потврдените кандидати (90 проценти) се мажи, додека само 10 отсто се жени. Најмладиот кандидат за градоначалник има 23 години, највозрасниот има 79 години, додека просечната возраст на кандидатите за градоначалници е 48 години. Од вкупниот број носители на кандидатски листи, 81 процент се мажи, додека 19 отсто се жени. Најмладите 78 кандидати предложени за советници имаат по 18 години, седуммина кандидати имаат 90 или повеќе години, додека највозрасниот кандидат има 97 години. Просечната возраст на кандидатите за општински советници е 43 години – објави вчера Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество во својата публикација посветена на годинашниве локални избори.

Во трка за градоначалник на македонската метропола, Скопје, влегоа вкупно 16-мина кандидати и 20 советнички листи. Меѓу кандидатите за градоначалници има само една жена, а повеќе од половина од кандидатите за советници, 55 отсто, се мажи, додека 45 проценти се жени. Скопските избирачи ќе добијат и најдолго гласачко ливче во земјава, долго половина метар, поради дваесетте пријавени листи за советници.

Надлежните државни институции и раководители постојано упатуваат апели до граѓаните за мирно одржување на локалните избори. Во текот на кампањата имаше бројни вербални пресметки меѓу дел од кандидатите, а резултатите во некои општини се најавуваат како клучни за иднината на одредени партии и за нивните функционери. Сето тоа го крена нивото на претпазливост. МВР вчера соопшти дека се преземаат мерки за непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. На 19 октомври, во близина на избирачките места и на клучните сообраќајни точки ќе има полициско присуство, со цел зголемена ефикасност и навремено откривање можно нарушување на јавниот ред и мир.

– Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално-технички средства, со мобилни тимови и пунктови, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола, со цел побрза реакција и преземање соодветни мерки и активности во случај на инциденти – соопштија од МВР.

Инцидентите и неправилностите на гласањето беа карактеристични за првите циклуси на локалните избори. Во 1996 година имаше поништување на гласањето во дури девет општини, во 2.000 набљудувачите забележаа значителен број случаи на насилство и на заплашување на гласачите, па и вооружени инциденти.

– Мисијата на ОБСЕ /ОДИХР регистрирала групно гласање во 25 % од местата што ги набљудувала – се наведува во анализата на ИДСЦС.

И локалните избори во 2005 година не ги исполнија меѓународните стандарди, поради голем број неправилности при гласањето во 84 општини, определени со новата територијална поделба. Во девет општини, меѓу кои и Градот Скопје, како резултат на големиот број жалби за изборни неправилности, гласањето во првиот круг беше повторено. Локалните избори во 2009 година се одржаа во ист ден со претседателските и се првите избори што се во генерална согласност со меѓународните стандарди. И гласањето во 2017 година се одржа во мирна и компетитивна атмосфера, без поголеми инциденти, исто како и изборите во 2021 година, за кои беше оценето дека се „одржаа во натпреварувачка атмосфера, со почитување на основните слободи“. (Б. Ѓ.)

Услов за победа во првиот круг

За да биде избран уште во првиот круг, кандидатот за градоначалник треба да добие мнозинство гласови, при излезност од најмалку една третина од запишаните избирачи. Доколку не е исполнет условот, се организира втор круг меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови, а ако учествува само еден кандидат и не го добие мнозинството, изборот се повторува. Вториот круг се одржува 14 дена по првиот и победник е кандидатот со поголем број освоени гласови. Советниците се избираат пропорционално, според Д’Хондтовата формула, при што гласовите за кандидатските листи се делат со низа делители 1, 2, 3… до бројот на членови на советот, се земаат најголемите количници, а листата добива онолку мандати во советот колку што се прифатени количници од највисоките. Инаку, во изминативе седум изборни циклуси, најголем беше одѕивот на гласачите во 2013 година, кога изнесуваше 67 проценти во првиот круг, а најмал во 2021 година, кога беше 51 процент. Во вториот круг, најмал беше во 2009 година – 43 отсто, а највисок во 2013 година – 65 проценти.

Најстари кандидати со 97, 93, 92 години…

Податоците на ДИК покажуваат дека меѓу пријавените кандидати за советници во некоја општина има дури седуммина што се постари од 90 години. Најстара е 97-годишната Цветанка Велјанова (МААК, кандидат за советник во Општина Битола), а потоа следуваат 93-годишната  Радмила Јанушевска (МААК, кандидат за советник во Општина Велес), 92-годишниот Томислав Маниќ (група избирачи Горан Ѓуровски, кандидат за советник во Општина Центар), 92-годишната Љубица Олумчева (Твоја партија, кандидат за советник во Град Скопје), 91-годишната  Драгица Стојановска (МААК, кандидат за советник во Општина Кисела Вода), 91-годишната Стојанка Тортевска (Твоја партија, кандидат за советник во Град Скопје) и 90-годишниот Трајан Ѓорчевски (Единствена Македонија, кандидат за советник во Град Скопје.

Бесплатна телефонска линија за пријавување повреди на избирачкото право

Во канцеларијата на народниот правобранител, в недела (19 октомври), на денот на одржувањето на првиот круг од локалните избори, во периодот од 7:00 до 19:00 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Покрај телефонски, граѓаните ќе можат да пријават повреда на своето избирачко право и лично во сите седум канцеларии на народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и во Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права. Исто така, за заштита на своите права, граѓаните ќе можат да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово 044 344-082, Струмица 034 329- 996, Кичево 045 228-586, Битола 047 242-310, Штип 032 389-701 и Куманово 031 431-488.

ИЗДВОЕНИ