Статистика го вклучи црвениот аларм за цените на овошјето и на зеленчукот. Зеленчукот за една година поскапел за драстични 63,3 отсто, овошјето за 33,2 отсто, вкупниот годишен раст на цените на растителното земјоделското производство изнесува 39,9 отсто, додека кај добиточната храна тој раст изнесува 6,5 отсто. Земјоделците велат дека овие податоците ја покажуваат реалната слика во државата, односно дека сме увозно зависни и дека увозниците и дистрибутерите ги диктираат цените. Според нив, потешко може да го вратиме македонското земјоделство на она ниво што беше порано, кога го снабдувавме речиси цел југословенски пазар со македонски земјоделски производи. Од друга страна, не можеме да го намалиме увозот зашто ќе останеме гладни.
– Ние немаме доволно земјоделско производство, речиси 90 отсто од земјоделското производство е од увоз. Поради тоа, се поставува прашањето кои домашни земјоделски производи ќе ги купуваат граѓаните. Ако Владата сака да ги врати земјоделците на нивите, треба да има гарантиран откуп, гарантирани цени… Не може откупната цена на краставиците да биде 5 денари, а производствената 22 денари. За да се вратат земјоделците на нивите, пет години треба да имаме добри откупни цени – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.
Според него, ако има заработувачка, сите земјоделци ќе се вратат на нивите и ќе го зголемат земјоделското производство. За да се случи тоа, треба да има гарантирани цени, гарантиран пласман… односно земјоделците треба однапред да знаат по која цена ќе го продадат она што ќе го произведат. Исто така, треба да се најде начин синџирот од примарните земјоделски производители до крајните потрошувачи да биде што пократок, односно да има помалку маржи и граѓаните да купуваат поевтини домашни производи.
Во моментов, во маркетите во Скопје цените на пиперките и на доматите надминуваат 100 денари и се продаваат по 120-130 денари за килограм. Земјоделците велат дека сушата си го направила своето и удрила и по градинарските култури. Поради тоа, како што велат, како никогаш досега имаме толку скап зеленчук во овој период од годината.
– Приносите на пипер се намалени, а кога има помало производство, нормално е да се повисоки цените. Сушата си го направи своето и ги намали приносите по единица површина. Поради климатските промени и малото производство, и овие цени се ниски. Со оглед на зголемените трошоци за нафта, ѓубриво, наводнување, заштитни препарати, откупната цена треба да биде 60 денари за килограм – вели Велков.
И овошјето оваа сезона е луксуз за македонските граѓани. Ако изминатите години скапо се плаќаше тропското овошје, годинава се високи и цените на овошјето од нашето поднебје. Причина, според земјоделците, се климатските промени и мразевите во пролет.
Така килограм сливи и праски се продава по цена од околу 100 денари, кајсиите се нешто поскапи – од 150 до 200 денари, нектарините околу 130 денари за килограм. Дињата се продава по 40-50 денари за килограм, лубеницата е нешто поевтина. Малините и капините, но и боровинките, се продаваат во канчиња, а цената се движи од 100 до 200 денари, односно 300 денари за килограм малини, а 400 за боровинки.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија сметаат дека за да се реши инфлацијата, потребно е стимулирање на домашното земјоделско производство.
– Ограничувањето на маржите и на цените дава резултат само во моментот додека е на сила, а потоа практиката покажа цените не само што не се враќаат на старо туку и двојно се зголемуваат. Ние цело време апелираме да се донесат долгорочни мерки и кога беа ограничувањата, апелиравме да траат неколку месеци за граѓаните да го почувствуваат ефектот од мерките. И сега сметаме дека треба да се донесат мерки за стимулирање на домашното земјоделско производство, бидејќи се виде дека увезуваме најголем дел од храната, а најмногу на удар се овошјето и зеленчукот. Граѓаните немаат овошје и зеленчук за салата, а не, пак, за зимница – изјави за весникот ВЕЧЕР Тања Тасевска од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Сепак ако е за утеха, подобри сме од соседна Србија, каде што за една година овошјето поскапело за 81,4 отсто. Цените на земјоделските и на рибните производи во Србија се зголемиле за 13,4 проценти.
Министерството за земјоделство и стопанските комори ја започнаа кампањата за поддршка на домашните земјоделски производи. Со слоганот „Најдоброто од Македонија: нашата традиција, нашата гордост“.
– Целта на оваа кампања е да се даде епитетот на производител на земјоделски производи на Македонија со висок квалитет. Дополнителниот ефект од кампањата што го очекуваме е да им помогнеме на домашните компании кои се занимаваат со преработка на домашни производи, кои вработуваат наши граѓани, кои ги издржуваат своите семејства и трето, најважно, да ја развиеме домашната економија, за потрошените пари на граѓаните да останат во земјата, со што фактички се заокружува целиот процес – изјави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека ја поддржуваат кампањата за фаворизирање на домашните производи, но, покрај квалитетот, тие треба да бидат конкурентни и со поповолни цени.
(А. С.)