Граѓаните не заслужуваат да им смрди под носот

21

Градоначалникот  на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, реагира на преполните контејнери и на кантите за ѓубре викендов на територијата на Општината.

– Ова што се прави деновиве со ѓубрето низ Карпош е најпростачкиот начин за пресметка со граѓаните. Наместо институциите да си ја вршат својата работа – ни прават саботажа. Граѓаните на Карпош не заслужуваат да им смрди отпад под носот, ниту пред колективни згради ниту пред нивните куќи. Господине премиере, имаш министер за локална самоуправа, имаш министер за екологија, ја водиш државата и имаш двотретинско мнозинство. Наместо да се занимавате со игри и пресметки, најдете решенија! – порача Јакимовски.

Тој додаде дека нема да молчи и дека ќе продолжи да зборува гласно за секоја неправда кон Карпош и кон неговите граѓани.

И  градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во обиколка на улиците, заедно со хигиеничарите на Центар, денеска затекна контејнери опкружени со купишта ѓубре.

Тој упати апел до јавното претпријатие Комунална хигиена редовно да го собира отпадот и да ја преземе својата законска обврска.

– Целата општина е полна со смет, нашите хигиеничари се постојано на терен, го сработуваат сето она што Комунална хигиена не го сработува изминативе години. И по овој мој апел, повторно ќе слушнеме демант на претпријатието дека навремено си ги завршуваат своите обврски, го собираат сметот од улиците – рече Герасимовски. Во утринската акција, хигиеничарите на ЈП ПОЦ го расчистија просторот околу контејнерите. Герасимовски порача дека Општина Центар ќе продолжи да работи во интерес на своите жители и кога тоа е надвор од ингеренциите. Најави нова опрема која ќе се набави во наредниот период.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ