Во ноември бил забележан двоцифрен раст на депозитите и кредитите на граѓаните и на компаниите. Вкупните депозити забележале годишен раст од 11 %, додека вкупните кредити пораснале за 12,7 %, покажуваат податоците на Народната банка.
Во бројки, граѓаните и фирмите чуваат во банките вкупно 10,2 милијарди евра, а должат 8,8 милијарди евра.
Растот на вкупните депозити во ноември во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот домаќинства од 12,4 %, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор, кој изнесува 9,3 %.
Растот на депозитите кај домаќинствата се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и на краткорочните депозити во странска валута, а кај корпоративниот сектор растот на депозитите е резултат на зголемените депозитни пари и на краткорочните депозити во странска валута и во денари.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 12,7 % како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектори, при малку поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор. На годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се повисоки за 14,5 %, во целост поради зголеменото кредитирање во денари, додека кај домаќинствата растот изнесува 11,1 %.
Во ноември, граѓаните најмногу се задолжувале преку станбени кредити, кои забележале раст од 16,5 % и потрошувачки кредити, кои пораснале за 10,5 %. Долгот на граѓаните од потрошувачки кредити сега изнесува околу 2,3 милијарди евра, а од станбени кредит пораснал на 1,74 милијарди евра.
Автомобилските кредити, во ноември, забележале годишно зголемување од 0,4 %, додека кредитите одобрени на кредитните картички се намалени за 6,4 %.
Тој месец, негативните салда на тековните сметки забележале годишен раст од 0,9 %, додека, пак, кредитите одобрени врз други на годишно ниво биле намалени за 10 %.












