Граѓаните најмногу пари трошат на храна и на сметки

324

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во октомври се зголемени за 467 денари во споредба со септември, покажуваат податоците кои ги објави Сојузот на синдикати на Македонија. Според пресметките на ССМ, синдикалната минимална кошница за октомври изнесува 65.544 денари и во споредба со септември изнесуваше 66.077 денари е зголемена за 467 денари. Доколку во пресметката се вклучи и изнајмување стан со површина од 60 квадратни метри, вкупната вредност на кошницата изнесува 80.919 денари.

Најзначаен пораст е забележан кај трошоците за храна и пијалаци, кои во октомври изнесуваат 23.772 денари, што е зголемување од 378 денари во однос на септември.

И покрај сите апели од власта и законите за забрана на нефер трговски практики и за заштита на конкуренција кои требаа да стават ред во трговијата, сепак граѓаните забележуваат дека цените на основните продукти сè уште растат. Вредноста на кошничката, која порасна за речиси 500 денари во октомври, покажува дека цените во трговијата сè уште се формираат според правилата на трговците.

На едно четиричлено семејство за храна и за пијалаци му биле потребни 23.772 денари, што значи дека една минимална плата оди само за храна, а другата за сметки, а каде се другите трошоци. Ова значи дека и две минимални плати не се доволни за да се „протурка“ месецот. Поради тоа, од ССМ бараат конкретни и брзи одговори од Владата, како дополнителни мерки за помош на најзагрозените категории, зголемување на минималната плата, подобрување на контрола врз трговците, посилна регулација на цените… за да се намали товарот што го носат македонските работници.

Економските аналитичари сметаат дека зголемените трошоци и неефикасноста на контролата врз трговците доведуваат до сериозен економски колапс на работниците и на нивните домашни буџети. И тие сметаат дека зголемените трошоци за основни производи ја зголемуваат потребата за дополнителни интервенции од страна на Владата, но се поставува прашањето дали тие ќе бидат доволни за да ја спречат растечката инфлација?

Досега Владата се обиде да ја смири инфлацијата преку замрзнати цени, маржи и преку владини кошници. Но, и покрај тоа што мерките беа оценети како добри, не го дадоа посакуваниот ефект врз намалување на цените и смирување на инфлацијата.

Додека се чека трговците да се усогласат со новите регулативи, македонските домаќинства ќе продолжат да се соочуваат со сериозни предизвици во обезбедувањето на основните потреби.

ИЗДВОЕНИ