Инвеститорски ден в петок (12 септември) ќе се одржи на Македонската берза за хартии од вредност каде што граѓаните ќе имаат можност бесплатно да продаваат и да купуваат акции без провизија. Можноста за бесплатно тргување граѓаните го имаа и во претходните 5 години. Единствениот лимит е да се направи промет до максимум 10 илјади евра, додека системските и администраторските блок трансакции, јавните понуди и јавните берзански аукции се исклучени и ќе се наплатуваат стандардно.

Од Берзата велат дека целта е да се зголеми учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и да се мотивира населението да вложува во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонска берза.

– Инвеститорите треба да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ-системот, а со посредство на некоја од членките на Берзата. Без оглед на бројноста на реализираните трансакции, износот на дневниот промет по индивидуален инвеститор не смее да изнесува повеќе од 10 илјади евра. Исто така, трансакциите треба да се склучени преку клиентска, односно, сопственичка сметка. Целта на оваа акција е зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава – појаснуваат од Берзата.

Во Инвеститорскиот ден се вклучени Централниот депозитар за хартии од вредност, банки и брокерски друштва, како и Комисијата за хартии од вредност.

ИЗДВОЕНИ