Изборниот ден помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, со неколку пријави главно за агитирање на гласачи, е оценката на полицијата по вториот круг од гласањето за градоначалник во државата. Министерот за полиција Панче Тошковски на пресконференција по затворање на гласачките места, рече дека ова е уште една потврда дека граѓаните и институциите покажаа зрелост и одговорност што придонесе Македонија да има едни од најмирните избори во последните години.
„ Во текот на денот регистиррани беа 30 настани во државата,а најчести беа пријавите за агитирање на гласачко место, вкупно 7, пет настани се за поткуп и 4 од пријавите се за неовластено присуство на гласачко место. Понатаму пријавено е фотографирање на гласачко ливче и закани. Во многу од пријавените случаи утврдивме дека наводите не се потврдени. За 4 настани продолжуваат полициските активности, и тоа за поткуп, агитирање, недолично однесување на ИО и фотографирање на гласачко ливче, го сумираше изборниот ден министерот Тошковски
Дека има влијание за време на изборниот молк потврдија и во Државната изборна комисија (ДИК) од каде на една од денешните прсконференции донесоа одлука за одземање на акредитации на 8 домашни набљудувачи во општината Шуто Оризари, поради постапување спротивно на Изборниот законик и Кодексот за набљудување. Станува збор за кандидатот за градоначалник во првиот круг Елвис Бајрам и членови на неговото семејство кои биле пријавени за злоупотреба на беџовите за агитирање во училиште пред гласачките места. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, ги наведе имињата на лицата: освен Елвис Бајрам агитирале кандидати за советници во општината, Сеат Исмаил, Решад Сокол и Алмир Сали. Понатаму сестрата на Елвис, Валентина Бајрам , Шабан Бајрам, Габриел Бајрам и Ќамуран Реунаред. Кондарко посочи дека овие лица го пречекориле Кодексот за набљудување со непристрасно однесување и вршеле агитирање. ДИК го известила и МВР за настанот, бидејќи агитирањето било надвор од гласачкото место, а на Општинската изборна комисија (ОИК) во Шуто Оризари и беше наложено да им забрани влез во објектите.
Во оваа општина за време на изборниот молк во саботата било регистрирано фотографирање на кочан со гласачките ливчиња на избирачко место, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот. Фотографија со гласачкото ливче со заокружениот кандидат за градоначалник на Тетово беше споделено на социјалната мрежа Фесбук. Од Јавното обвинителство од каде изборниот ден го окарактеризираа како мирен, нагласија дека по пријавите во врска со изборните нарушувања ќе постапуваат со приоритет.
„Изборниот ден помина без поголеми нарушувања на изборниот процес, а до јавното обвинителство е доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче. Итно се дадени насоки за документирање на настанот кој претставува прекршок„, соопштија од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи (МВР) во текот на гласањето информираше дека за време на предизборниот молк, кој траеше од 1 ноември до 7 часот неделата, се регистрирани 10 пријави за нарушување на изборниот молк. Пријавите, како што велат од полицијата, се регистрирани на повеќе места и тоа по три пријави имало на подрачјето на СВР Скопје и СВР Охрид, две во делот на СВР Штип и по една пријава во СВР Тетово и во СВР Битола. По преземени мерки, шест од пријавените настани не биле потврдени. Покрај овие пријави, МВР регистрирало и 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесувале на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности одржани во штабови.Од МВР информираат дека гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници на сите подрачја поминало без нарушување на гласачкиот процес.
Иселеници од Швајцарија дојдоа да гласаат во Струга, се агитираше ли во изборен молк?
На социјалните мрежи во саботата се сподели видео од авион полн иселеници во Швајцарија кои патуваат кон Македонија за да гласаат на вториот круг од локалните избори. Во јавноста се тврди дека на сликата се иселеници кое се трета група кои патуваа кон државата за гласањето во неделата. На сликата се гледа како патниците во еден од чартер летовите покажуваат број на една политичка партија, а во објавата на Фејсбук се повикуваше да се гласа за еден од кандидатите за градоначалници на Струга.
-Се очекува вториот круг да биде одлучувачки за иднината на Струга, додека дијаспората уште еднаш докажува дека љубовта кон татковината нема граници“, стоеше во објавата на социјалните мрежи.
Медиумите објавија дека во текот на изборниот викенд, кога се одржуваше вториот круг од локалните избори, на аеродромите во Охрид и Скопје биле регистрирани вкупно 12 вонредни чартер летови, најмногу од Цирих и Базел.












