Германскиот центар за анализа на небесни феномени (CENAP) од почетокот на неделата добива невообичаено голем број пријави за наводни неидентификувани летачки објекти (НЛО).
Многу луѓе забележале пар екстремно светли трепкања на небото пред зори и му испратиле фотографии на Центарот, опишувајќи ги како „пар дронови, фарови од автомобили или ѕвезди што не постојат“.
Шефот на CENAP, Хансјирген Келер, рече дека некои мислеле дека виделе НЛО, но дека всушност станува збор за двете најсветли планети во Сончевиот систем – Јупитер и Венера. Според него, овие планети ќе се појават многу блиску уште неколку дена, па затоа нема причина за грижа.
CENAP е контакт точка за граѓаните кои сакаат научно објаснување за небесните феномени. Од своето основање пред 42 години, центарот добил повеќе од 12.000 пријави за наводни НЛО, наведува dpa.