четврток, јануари 22, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Граѓаните ќе плаќаат и до 2.000 евра повеќе за стари автомобили

Граѓаните ќе плаќаат и до 2.000 евра повеќе за стари автомобили

Европската Унија подготвува нови бариери за старите автомобили. Со новата европска регулатива, старите автомобили што се со голема километража нема да можат да се извезат од Германија, Словенија, Италија и од другите европски земји. Така, за да може да се увезе ваков автомобил во Македонија, ќе треба регистрацијата, односно техничкиот преглед и осигурувањето, да се изврши во земјата од каде што се увезува автомобилот. Потврда за тоа ќе се добива со задолжителен технички преглед или процена од независен експерт, а без таков документ, кој чини од 1.500 до 2.000 евра, возилото едноставно нема да може да се извезе

1160

Европската Унија најави построги правила за извоз на половни автомобили, со цел да се спречи извезувањето технички неисправни и еколошки штетни возила надвор од Унијата. Ова практично значи дека старите автомобили што се со голема километража нема да можат да се извезат од Германија, Словенија, Италија и од другите европски земји. Имено, за да може да се увезе ваков автомобил во Македонија, ќе треба регистрацијата, односно техничкиот преглед и осигурувањето, да се изврши во земјата од каде што се увезува автомобилот. Потврда за тоа ќе се добива со задолжителен технички преглед или процена од независен експерт, а без таков документ, возилото едноставно нема да може да се регистрира, да се извезе или да се продаде преку официјални канали. Трошокот за издавање сертификат за техничка исправност нема да биде мал и, според некои процени, тој може да биде во опсег од 1.500 до 2.000 евра.

Увозниците на половни автомобили во државата велат дека сега увезените автомобили може ќе бидат поскапи, ама купувачите ќе бидат сигурни дека се технички исправни и дека не е вратена километражата.

– Потврда за тоа дали може да се увезе возилото ќе се добива со задолжителен технички преглед или процена од независен експерт, а без таков документ, возилото едноставно нема да може да се регистрира, да се извезе или да се продаде преку официјални канали. Јас увезувам автомобили претежно од Германија и не можам да добијам дозвола за извоз ако не е регистрирано возилото или ако Комисијата не даде мислење дали е исправно возилото и дали може да се вози. При технички преглед во Германија, ги запишуваат и поминатата километражата на возилото, која потоа не може да се врати, загадувањето, издувните гасови… Така, на пример, некое возило може да е од 2008 година, а да е во добра состојба, односно да има технички важечка регистрација во ЕУ и да може да се извезе – изјави за весникот ВЕЧЕР Александар, сопственик на автоплац во Скопје.

Тој вели дека во моментов кај нас сè уште може да се увезуваат автомобили со евро 4 стандард, односно од 2008 година наваму.

– Оваа одлука може да ја крене цената на половните возила, бидејќи на овој начин ќе се увезуваат претежно понови возила, кои се и поскапи, а, од друга страна, самите трошоци за регистрација, технички преглед итн. ја креваат цената на возилото. Но, добро е што купувачот ќе знае дека автомобилот што ќе го купи нема да биде дел од нашминканиот автоотпад што го носат од Запад дел од автопрекупците во Македонија и на Балканот – вели Александар.

Новиот пакет регулативи што го подготвува Брисел предвидува кога ќе се продава или извезува одредено возило од ЕУ, мора да биде јасно докажано дека не е „возило на крајот од животниот век и дека е технички исправно и безбедно за сообраќај. Целта на оваа измена е да се спречи најлошо одржаните или технички неисправни автомобили да завршуваат во трети земји.

Но, поради големиот трошок за сертификатот за техничка исправност, кој ќе биде блиску или дури над вредноста на најевтините автомобили што се извезуваат на пазарите на Балканот, едноставно нема да се исплати да се извезуваат многу стари возила од ЕУ, па наместо тоа, ќе завршуваат на рециклирање во самата Унија.

Сепак, возилата што се исправни и стари само две-три или пет години и понатаму ќе може нормално да се извезуваат, без значителни проблеми. Но, изборот на најстарите евтини модели, кои често се барани на пазарите како нашиот, пред сè поради нискиот животен стандард на граѓаните, ќе биде намален.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ